Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на пуштање во употреба на нова пречистителна станица за третман на отпадни води во Гевгелија. Премиерот Заев во своето обраќање истакна:
Ми претставува особена чест да го споделам со вас задоволството дека денеска ја пуштаме во употреба петтата пречистителна станица за отпадни води оваа година, овој пат во Гевгелија.
Пречистителните станици во Струмица, Радовиш, Кичево и Прилеп кои ги пуштивме во употреба во изминатите неколку месеци работат во полна пареа и овозможуваат значително почиста и поздрава животна средина.
Пречистителната станица во Гевгелија, којашто денеска официјално започнува со работа, има капацитет да прочистува отпадни води во населени места со 30.000 жители, и ги задоволува потребите на овој регион.
Вложувањето во изградба на овие пречистителни станици е исклучително важно за заштита на животната средина, особено за подобрување на квалитетот на водите, како и за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните.
Во реката Вардар нема повеќе да се одлеваат отпадни води кои се генерираат од општина Гевгелија, туку пречистена вода од станицата. Квалитетот на водата на реката Вардар низводно од Гевгелија ќе се подобри, со што ќе се исполнат барањата од Рамковната Директива за води кои се однесуваат на третманот на отпадните води и меѓународните речни сливови.
Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 9.6 милиони евра од кои 6.7 милиони евра се обезбедени од швајцарската влада за проектирање и изградба на Пречистителната станица по најсовремени европски стандарди, 1.8 милиони евра од Владата на Република Грција за изградба на административна зграда, линија за мил и други градежни работи и повеќе од 1 милион евра од Владата на Република Македонија и општина Гевгелија за изградба на колектор, пристапен пат и систем за заштита од поплави.
Оваа прилика сакам да ја искористам да упатам огромна благодарност до владите и до граѓаните на Швајцарија и Грција за финансиската поддршка и експертизата со којашто овозможија реализацијата на овој проект кој е многу значаен за граѓаните од овој регион на нашата земјата.
Заедничката реализација на овој проект покажува дека регионалната соработка и пријателствата што ги воспоставивме со нашите соседни земји ќе донесат само придобивки и добробит за граѓаните од двете земји.
Ваквите чекори јасно ја покажуваат посветеноста и желбата на Швајцарија, земја којашто е наш голем пријател и поддржувач, да ни помогне во проекти кои имаат за цел да обезбедат долгорочен развој и подигнување на еколошките и животните стандарди.
На самиот крај сакам да упатам честитки до локалната самоуправа и до градоначалникот Поцков за посветениот ангажман и им посакувам успешна работа и управување со пречистителната станица.