Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, денеска на прес-конференција ја информираше јавноста за активностите кои Владата ќе ги преземе во насока на заштита на граѓаните од лажни вести и дезинформации, преку објави на социјалните мрежи, за време на претстојниот период пред референдумски молк.
Секоја вест, како што најави портпаролот на прес-конференцијата, која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или пак полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и, како што појасни тој, ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата, на социјалните мрежи: на Твитер профилот - портпарол на Влада на Република Македонија, како и на официјалната Фејсбук страна на Владата на Република Македонија.
Во продолжение на прес-конференцијата на оваа тема, портпаролот Миле Бошњаковски рече:
Вечерва завршуваат активностите на кампањата од јавен интерес со која Владата ги информираше граѓаните на нашата земја за придобивките од договорот со Грција и за придобивките од членството во НАТО и ЕУ, поврзано со референдумот кој треба да се одржи во недела.
На полноќ настапува законски предвидениот молк и период до 30 септември, денот кој е одреден за изјаснување на граѓаните на референдумот.
Врвен приоритет на оваа Влада, е на граѓаните да им биде обезбеден сеопфатен и објективен пристап до релевантни и точни информации, врз основа на кои граѓаните самостојно ќе одлучат како ќе се изјаснат на референдумот во недела.
Искуството, особено за време на кампањата, покажа нагласено присуство и ширење лажни вести, дезинформации и говор на омраза, како и креирање вести врз основа на полу информации.
Сето ова претставува длабоко поткопување на демократските процеси во државата, ширење дискриминација и омраза на штета на граѓаните, како и дискредитација на институциите.
Владата на Република Македонија во согласност со принципот на добро владеење и во насока на тоа дека сме засегната страна во процесот на референдумот, најавува дека ќе го почитува пред-референдумскиот молк и ќе се воздржи од активности кои имаат поврзаност со референдумот и со изјаснувањето на граѓаните во наредниве 48 часа почнувајќи од полноќ вечерва.
Истовремено, поттикнати од препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и другите меѓународни организации со цел обезбедување заштита на слободата на изразување, и за сузбивање на лажните вести и пропаганда, сакаме да укажеме дека Владата е целосно свесна дека просторот на социјалните медиуми е изложен на креирање на „лажни вести и дезинформации“ со цел обид за манипулација на граѓаните на земјава.
Имајќи ја предвид штетата врз јавниот интерес која може да настане од лажна пропаганда во текот на референдумскиот молк, Владата на РМ најавува дека НЕМА ДА ДОЗВОЛИ граѓаните да бидат изложени на лажни вести, ќе ги проверува фактите и ќе ги презентира пред граѓаните.
Имено, во текот на референдумскиот молк секоја објава која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата и на Твитер профилот - Портпарол на Влада на РМ како и на официјалната Фејсбук страница на Владата.
На крајот, ги повикуваме граѓаните да ги примаат сите вести со внимание, за време на молкот. Да ги анализираат изворите од којшто доаѓаат информациите и да прават двојна проверка на секоја вест која им изгледа невообичаена или сензационална.