Премиерот Заев го прими во проштална посета шефот на мисијата на НАТО во Скопје, капетан Бартол: Република Македонија наскоро ќе партиципира како рамноправен партнер и членка на алијансата во идните мировни и безбедносни мисии

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска го прими во проштална посета Шефот на канцеларијата на НАТО во нашата земја капетан Горазд Бартол, офицер во армијата на Република Словенија.

Премиерот Зоран Заев изрази голема благодарност за придонесот на канцеларија на НАТО за покажаната цврста поддршка за нашето членство во НАТО, и за асистенцијата во изминатиот период, и  додаде дека  е блиску моментот кога Република Македонија како рамноправен партнер во НАТО, ќе биде во можност да го даде и својот приоднес во алијансата која беше столб на мирот и безбедноста во изминатите седум децении, и која го обезбедуваше развојот и просперитет на земјите членки и на евро-атлантската заедница.

Претседателот на Владата на РМ Заев и Шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје во заминување разговараа и за актуелниот миг во пресрете на реферемдумот од кој се очекува нашата земја да  добие консензулано одобрување за финализирање на процесот за пристапување во членството на НАТО на почетокот од 2019 година.

Премиерот Заев на средбата се заблагодари и за личниот и посветен ангажман на капетан Бартол во исполнувањето на неговата мисија како шеф на канцеларијата на НАТО во нашата земја, и за неговиот придонес во остварувањето на политичките и воено-безбедносните стандарди на нашата земја во процесот на аспирација за членство во алијансата.

Шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, капетан Бартол, изрази силна благодарност за поддршката што тој ја доби од Владата на РМ, од Министерството за одбрана и лично од премиерот Заев, министерката Шекеринска и останатите членови на Владата и од структурите на АРМ, заради која неговата и работата на мисијата на НАТО во нашата земја на крајот е крунисана со поканата за нашата земја да биде 30-та земја членка на алијансата.