Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, придружуван од своите советници, во својот кабинет се сретна со делегација, предводена од австрискиот министер за Европска Унија, уметност, култура и медиуми, Гернот Блимел.
На средбата, премиерот Заев изрази задоволство и благодарност за искреното пријателство и континуираната поддршка кои ги покажува Република Австрија, споменувајќи ја и неодамнешната посета на австрискиот канцелар Себастијан Курц и видео пораката која тој ја испрати, повикувајќи ги граѓаните на Македонија да гласаат на претстојниот референдум, со надеж дека ќе биде донесена позитивна одлука за остварување на европската перспектива на Македонија.
Двајцата соговорници, премиерот Заев и министерот Блимел се согласија, дека референдумот на 30 септември е историска раскрсница за остварување на европската иднина на Македонија и дека е потребно сите релевантни политички партии да дејствуваат за остварување на стратешките приоритети кои заеднички се договорени пред 25 години и неодамна афирмирани во Парламентот.
„Австрија е наш важен партнер и поддржувач и нејзината определба за време на претседателството со Советот на ЕУ да го задржи фокусот на приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Унијата, е дополнителен мотив за нас, да продолжиме до остварувањето на целта, да бидеме европска Македонија, бидејќи и мнозинството граѓани веруваат во европската заедница“, рече премиерот Заев.
Австрискиот министер изрази огромно задоволство од напредокот кој Македонија го направи, со решавањето на повеќедеценискиот спор со Грција, потенцирајќи оти македонската Влада им покажа на земјите кои беа скептични по тоа прашање, дека е возможен компромис и унапредување на добрососедските односи, што е одличен пример за регионот.
Истовремено, министерот Блимел, додаде, дека е неопходно Австрија да ја повтори силната порака, дека Македонија е добредојдена во ЕУ и изрази уверување оти граѓаните ќе донесат успешна одлука на референдумот.
Премиерот Заев, ја истакна заложбата на Владата да остане фокусирана на обезбедување на конкретни и одржливи резултати во правец на напредок на реформите во областа на владеењето на правото, судските реформи, јакнењето на борбата против организираниот криминал, со тенденција да продолжи со транспарентното и отчетно работење, подобрување на условите на медиумите и обезбедување нивна независност, слобода на говор, како одраз на напорите за градење на Македонија како европска и демократска земја.
На средбата, позитивно беше оценета економската соработка меѓу двете земји и беше констатирано дека за Република Македонија остварувањето на евроатлантските аспирации обезбедува стабилност, што резултира со зголемен интерес за нови инвестиции, економски раст, отворање нови работни места и сигурна иднина за младите и сите граѓани.