Министерствотo за внатрешни работи апелира до граѓаните, политичките партии и нивните симпатизери, во текот на утрешниот ден (недела 30 септември 2018 година) да ги почитуваат законите, да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир и било какво нарушување на тајноста на гласањето, како што е фотографирање или снимање.
Било какво однесување спротивно на законите МВР нема да толерира и веднаш ќе постапи согласно законите. МВР ќе преземе сè што е потребно во недела, 30 септември, граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата граѓанска волја.
Согласно стандарните процедури, во министерството е формиран и функционира посебен оперативен штаб, кој има надлежност и овластување да презема мерки и активности со кои ќе биде гарантирано и овозможено уставното право на изјаснување на секој граѓанин.
Доколку забележите дека некој ве снима, го извикува на глас вашето име и презиме, или на било кој начин го попречува вашето право да гласате, веднаш пријавате на 192 или на полицискиот службеник во близина на вашето гласачко место. Доколку вашата фотографија се појави на социјалните мрежи, пријавете на cybercrime@moi.gov.mk.