Спасовски: Размената на податоци е многу важно за решавање на кризите

Собирањето, анализата и споделувањето на миграциските податоци се многу важни за реалното и објективно согледување на миграциските трендови и состојби и само заеднички имаме шанса да дојдеме до оптимални решенија што ќе не направат сите нас поефикасни во справувањето со мигрантските кризи и сите нивни предизвици, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на денешната средба на земјите членки на Прашкиот процес, што се одржува во Скопје. 

 

-Во текот на 2015 и 2016 година минавме еден тежок период кој на проверка ги стави сите наши капацитети за справување со глобалните предизвици од ваков тип, притоа соочувајќи не и со одредени слабости кои како држави мораме да ги елиминираме. Притоа, меѓу другото, констатиравме дека таквите состојби не можат ниту да бидат изолирани, ниту пак ограничени на одреден простор или држава, туку тие треба да се решаваат само со заеднички интегрален пристап, со вложување на потребните капацитети, но пред се со исклучително тесна и отворена меѓусебна соработка- рече министерот Спасовски.  

Во такви услови сите ние дојдовме до заклучокот дека, меѓу другото, од суштинско значење е постоењето на систем, концепт со кој што точно, валидно ќе се има увид во сите аспекти на миграциското движење. 

-Без благовремена размена на податоци и информации, без постојана комуникација во насока на систематизирање, проценка, апдејтирање на тие информации не можеме да имаме максимална ефикасност во справувањето со миграцијата. Особено не од размерите што ги имавме пред две-три години. Сфативме дека на една граница се заштитуваат и сите други граници, независно колку сме блиску или далеку едни од други. Безбедносните импликации не може да се превенираат без хомоген систем од мерки и активности, без постојани средби и размени на идеи, искуства, еспертиза, или без квалитетни, навремени и исцрпни податоци. Во годините зад нас извлековме квалитетни поуки, и преку низата идеи и иницијативи, направивме многу во насока на подигање на институционалните капацитети за успешно справување со миграцијата- рече Спасовски.