Царовска: Преку образование со вклучена платена пракса компаниите обезбедуваат стручен кадар, а учениците веднаш наоѓаат работа

Mинистерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер, денеска ги доделија договорите за месечен надомест на учениците во втора година кои се дел од специјалната ЕВН паралелка во СЕТУ „Михајло Пупин“ од Скопје. Учениците кои се дел од дуалното образование, досега од ЕВН Македонија добиваа надомест за летната практикантска обука, а овој дополнителен надомест е мотивација и вреднување на трудот и нивниот ангажман  за време на учењето преку работа во ЕВН. 
„Овој проект е успешен начин на градење на вештини потребни на пазарот на работна сила. Ги охрабрувам и другите компании да го следат примерот на ЕВН Македонија која направи специјална паралелка за стручно оспособување на средношколците. Придобивки од ваков вид образование има и компанијата која веднаш си обезбедува стручен кадар, и учениците кои освен што стручно се оспособуваат, добиваат и надоместок за практикантската работа, но и вработување веднаш по завршувањето на образованието. На овој начин се решава недостигот на стручен кадар кој во последните неколку години е сѐ поизразен, но истовремено се намалува невработеноста“, рече министерката Царовска.

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер рече дека задоволство е да се помогне на ученици кои успешно ја поминале првата година во ЕВН паралелката и се подготвени за нови знаења и предизвици.

„Инвестицијата во средства и човечки ресурси која ја направивме со овој проект ја градат идната работна сила не само на ЕВН туку на целата земја. Тоа нѐ етаблира како лидери на промените кои треба да следат во образованието во насока на обезбедување на квалификувани кадри на пазарот на труд“, рече Петер.

Со Оперативниот план компаниите имаат можност да отвораат тренинг центри чија основна цел да обучуваат и преквалификуваат стручен кадар кој потоа би го вклучиле во производствениот процес. Исто така, Министертвото за труд и социјална политика изготви закон за практиканство со кој за прв пат во Македонија се овозможува ограничен период на платена работна пракса во која ќе биде вклучено и учење и обука.