Од 93-та седница на Владата: Република Македонија ги започнува преговорите за полноправно членство во НАТО; Се воведува државна награда за унапредување на човековите права - Мето Јовановски; Овоштарите ќе добијат по три денари субвенција за еден килограм

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за елементите од пристапните разговори за членство во НАТО, кон кои Република Македонија треба да се приклучи на 18 и 19 октомври 2018 година, во седиштето на Алијансата во Брисел. Исто така, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за формирање Работен комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО. Членовите на Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО се задолжени да ги спроведат пристапните разговори на Република Македонија во седиштетото на НАТО во Брисел.  

Министрите ја усвоија информацијата за потребата од изменување и дополнување на Законот за државните награди. Притоа Министерството за култура, во соработка со неколку ресорни министерства и надлежни институции е задолжено да формира работна група, која треба да подготви и до Владата на Република Македонија да достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди, со кој ќе се востанови нова државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски.

На 93-та седница Владата донесе одлука за воведување нова интервентна субвенција за производителите на јаболка. Имено, оние производителите коишто ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка. Условот за добивање на оваа нова субвенција е родот да биде предаден најдоцна до 25 декември годинава по цена не повисока од 5 денари за килограм. Владата ја донесе оваа одлука со цел да им излезе во пресрет на производителите на јаболка особено на оние во преспанскиот регион, коишто претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди.

Денеска Владата донесе одлуки за доделување срeдства на државниот студентски дом „Пелагонија”, како и на Државниот студентски дом „Скопје“.

Државниот студентски дом „Пелагонија” ќе добие 7.204.603,00 денари од Буџетот на Република Македонија за 2018 година со цел подмирување на трошоци за тековно работење, односно режиски трошоци за потрошена електрична енергија, трошоци за греење, за потрошена вода и трошоци за комунална хигиена, а кои што не можеле да се предвидат и планираат во буџетот на Државниот студентски дом ,,Пелагонија” - Скопје. За истата намена, вкупно 79.592.133,00 денари од државниот буџет, ќе добие и Државниот студентски дом „Скопје” - Скопје.

На седницата беше разгледана и усвоена Стратегијата на Владата на Република Македонија за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, со Акцискиот план 2018 – 2020 година. Создавањето на оваа стратегија беше дел од долг инклузивен и консултативен процес. Стратегијата се темели на досега постигнатите резултати, но и разработува рамка за идни активности кои ќе овозможат понатамошно унапредување на соработката и поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор, како коректив на политиките, сервис на граѓаните и канал за солидарност, партнер на државата и бизнисот и двигател на ЕУ интеграцијата.

Владата ја усвои Информацијата за потребата од изработка на Национална стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам. Изготвувањето и спроведувањето на Стратегијата е во согласност со Програмата на Владата на Република Македонија, како и во согласност со стратешките приоритети на Владата за 2019-та година. Нејзината цел е да се подобри интеркултурната толеранција во Македонија помеѓу различните култури и заедници, како и преку неа да се спроведат препораките на Советот на Европа од последниот извештај на Европската Комисија.  За изработка и спроведување на Стратегијата ќе биде формирана координативна група чии членови ќе бидат претставници од повеќе надлежни министерства и државни институции.

Министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за подготовка на Република Македонија во однос на последиците од БРЕГЗИТ со фокус на трговските и економските односи, на билатерално и мултилатерално ниво и на ниво на Европска унија.

Владата на Република Македонија го определи Министерството за надворешни работи на Република Македонија за координатор на сите аспекти поврзани со процесот на БРЕГЗИТ. Исто така, ќе биде формирано и меѓу ресорско тело со претставници од неколку министерства, чија што задача ќе биде да го следи процесот БРЕГЗИТ.

Владата на Република Македонија на редовната седница ја разгледа и усвои информацијата за започнување на повеќегодишна јавна набавка на работи за изградба на водоводна мрежа за делот од Индустриска зона Визбегово, општина Бутел. Министерството за транспорт и врски е задолжено средствата во износ од 84.240.000,00 денари за реализација на проектот: „Изградба на водоводна мрежа за делот од Индустриска зона Визбегово, општина Бутел“ да ги вклучи во буџетските барања за 2019 и 2020 година.