Националните координатори за гранично управување на Република Македонија и на Република Косово, Владимир Пивоваров и Иса Џемајлај, денеска, во Медија центарот на Владата на Република Македонија потпишаа Меморандум за соработка меѓу Координативните центри за гранично управување на двете земји.
Во воведното обраќање, Националниот координатор за гранично управување на Република Македонија Пивоваров, ја истакна важноста на соработката меѓу земјите во регионот, подвлекувајќи дека Меморандумот има за цел, зајакнување на соработката во областа на граничното интегрирано управување меѓу Република Македонија и Република Косово.
„Со брзата размена на информациите, се надеваме дека во иднина ќе ги надминеме досегашните проблеми, пред сè во побрзиот проток на патници и стоки, со што на граѓаните, а особено на бизнис заедницата и од Република Македонија и од Република Косово ќе им се овозможи поголем промет, односно поголем профит“, изјави Пивоваров.
Tој се осврна и на досегашната одлична соработка со колегите од Косово, со кои континуирано работат за надминување на проблемите кои би влијаеле на застојот на размена на стоки и услуги меѓу двете земји.
„Со ова покажуваме еден пат кон Европа и ова е поттик и за сите земји во регионот поблиску да соработуваат со доверба меѓу двете страни, за да ја постигнеме заедничката цел“, додаде Пивоваров.
Националниот координатор за гранично управување на Република Косово, Џемајлај поздравувајќи ја иницијативата за потпишување на Меморандумот меѓу Косово и Македонија рече дека тој е резултат на исклучително добрата билатерална соработка меѓу двете земји.
„Со Меморандумот ќе ја унапредиме соработката меѓу Република Македонија и Република Косово особено во областа на борбата со меѓународниот криминал, што ќе биде од помош за граѓаните на двете земји“, подвлече Џемајлај.