Железничкиот сообраќај Табановце - Гевгелија се одвива непречено, саниран дефектот на бетонскиот мост на Црна Река

Владата на Република Македонија ја споделува со јавноста информацијата дека железничкиот сообраќај од Табановце - Скопје - Велес - Гевгелија на коридорот 10 се одвива непречено.

Комплетно се санирани штетите на бетонскиот мост на Црна Река на железничката пруга којашто се наоѓа меѓу станицата Градско и крстосницата Кукуричани.

Санацијата и поправката на настанатиот дефект на бетонскиот мост се направени според пропишаните стандарди. Извршени се специјални прегледи и испитувања со пробно товарење согласно член 27 од Правилникот за начинот на одржување, начинот на водење на евиденција и користење на податоците од евиденцијата на долниот строј на пругите.

Во процесот на санација и поправка на дефектот извршени се повеќе активности како што се заштита од понатамошно поткопување на двата средни столба, изработени се бунари за преземање на товарите од мостовската конструкција кај првиот среден столб, извршено е армирање и бетонирање на темелните греди и бетонските платна и подигната е мостовската конструкција на потребната нивелета.

Постапката за санација на армирано - бетонскиот мост на пругата Велес - Гевгелија извршена е согласно усвоената информација на 95-та владина седница за потребата од итна санација на армирано-бетонскиот мост за што беа задолжени Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски да изнајдат финансиски средства и можни решенија, а ЈП Македонски Железници Инфраструктура да започне реализација на постапката.