МЕ Бектеши и МВР Спасовски: Со новиот закон за возила, се воведуваат еколошки налепници и субвенции за електрични и хибридни возила, за почиста животна средина и решавање на сообраќајниот хаос

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  денеска на средбата со здруженијата на такси превозници ја информираа јавноста со предлог законските измени кои се подготвени да влезат во собраниска процедура кои предвидуваат важни подрачја како што се сообраќајот и екологијата.

„Како прв новитет е воведената еколошка налепница за возилата, согласно еколошките стандарди што значи дека во законот се вградени нови одредби за еколошка категоризација на возилата“, рече Бектеши додавајќи дека овој предлог закон ќе претставува и законски основ со кој Министерството за економија ќе направи и воведе неколку програми за субвенционирање за купување на возило на електричен погон или хибридно возило. 

Новиот предлог закон за возила како што рече Бектеши има за цел да ги уреди постапките за остварување на заштитата на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица, како и заштитата на јавниот интерес по кои се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, правните лица и физичките лица на кои со овој закон им е доверено да вршат јавни овластувања.

Министерот Спасовски додаде дека се од голема важност планираните измени во регистарот за возила, односно проширување на опсегот на податоци од евиденцијата на моторни возила, а во насока на подетално, прецизно следење на целиот процес на експлоатација на возилото од негово производство, односно влез во Република Македонија па се до неговата крајна експлоатација, што ќе значи создавање на исцрпна база на податоци за возила од интерес на институциите.

„Конечно, морам да истакнам дека во дел од измените ние излеговме во пресрет и на барањата на такси-здруженијата, пред се околу воведување на т.н. жолти регистарски таблички, со што пак многу поефикасно ќе се идентификуваат легалните такси возила во однос на останатите таканаречени ‘диви таксисти’”, рече министерот Спасовски.