Премиерот Заев и Премиерот на Република Бугарија, Борисов: Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот

Во Владата на Република Бугарија денеска се одржа билатерална средба помеѓу Претседателите на Владите на Република Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов. По завршување на билатералната средба двајцата премиери дадоа изјави за медиумите.

„Туку што завршивме уште една блиска и пријателска средба со мојот добар пријател и пријател на Македонија, Премиерот на Република Бугарија, Борисов. Остваривме полезна средба, како и до сега заради тоа што сите овие наши чести контакти исполнети со конструктивни разговори, договори и планови за идни соработки. Сето тоа е резултат на нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка којшто нашите две земји го потпишаа. Имплементацијата на сите точки од договорот оди многу добро. Економската соработка никогаш не била подобра. Имаме стабилна трговска размена од над 500 милиони евра, со пораст од 12% во 2018 година и нема да престанеме додека не стигнеме трговска размена од 1 милијарда евра, што побрзо“, изјави премиерот Заев.

 

 

Премиерот Заев најави дека во тек е договарање на втората меѓувладина седница на двете земји која треба да се одржи во декември во внатрешноста на Република Бугарија и на која ќе се разгледуваат новите перспективи на соработка и ќе се констатираат досегашните реализирани проекти.

„Посебно радува интензивирањето на прекуграничната соработка. Се работи со посебен интензитет на отворањето на новите заеднички гранични премини „Клепало“, на потегот Берово - Струмјани, и граничните премини Пехчево - Симитли и Делчево - Невестино. Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, продолжува буквално од Скопје до бугарската граница се гради од три компании огромна патна инфраструктура, првата делница од железничката инфраструктура исто така завршува, во моментов во тек е изборот на техничкиот дел од изборот на втората делница од железничката инфраструктура којашто Скопје го поврзува со Софија“, соопшти премиерот Заев и додаде дека се работи на проектната документација на уште едно гасоводно поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, помеѓу Петрич и Струмица.

Премиерот Заев рече дека ваквиот зголемен интензитет на соработка на заеднички проекти меѓу другото е резултат на огромната поддршка што Република Бугарија и ја пружа на нашата земја, посебно во нашите амбиции за ЕУ и НАТО интеграција.

„Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот. На две соседни земји кои ги надминаа минатите делби и создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели и на меѓусебни односи на доверба. Воедно сакам да ги информирам граѓаните на Бугарија дека интензивно работиме на отворањето на комплетната инфраструктура и пристапност до локацијата на споменикот на полковник Каварналиев во областа на Дојран. Истовремено после завршување на поставувањето на споменикот на полковникот Каварналиев во областа на Дојран, којшто беше уништен низ годините наназад, ќе ја возобновиме и плочата на Кајмакчалан. Тоа не обврска од договорот, тоа е обврска од пријателството, тоа е обврска на сите нас да ги зближиме двата народи и нашите земји, да продолжи соработката“ изјави премиерот Заев.

Тој рече дека со Република Бугарија заеднички одбележуваме празници, датуми и ликови и заедно ги празнувавме празниците посветени на Светите браќа Кирил и Методиј на 24 мај во Рим, споделивме заедничко празнување на Илинден и во Скопје и во Благоевград и објави дека заедничката мултидисциплинарна експертска комисија работи со полно и веќе има одржано два состаноци, а третиот е закажан за крајот на ноември.

„Посебно сум среќен што работиме во областа на економијата, образованието, културата, да им се радуваме на младите луѓе од One Love концертите што ги прават во македонските и бугарските градови, но и на сите театарски претстави што се одржуваат насекаде низ Македонија. Огромна е лепезата на соработка што Договорот за соработка, пријателство и добрососедство ги отвори, јас сум убеден дека бенефит имаат граѓаните на двете земји“, нагласи премиерот Заев.

„Ја користам приликата да испратам порака до граѓаните на Република Бугарија дека градиме искрено пријателство со намери коишто прилегаат на 21 век. Потврдивме заедничка историја и заеднички ја одбележуваме. Немаме никакви дилеми, нашите народи се блиски, постои љубов помеѓу двата народа. Апелирам за соработка, поддршка, за меѓусебно помагање од секој можен аспект. Граѓаните на Бугарија знаат дека се добредојдени во сите градови во Република Македонија бидејќи нашите очекувања се големи дека соработката ќе расте“, истакна Заев.

Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов во својата изјава ја нагласи зголемената соработка помеѓу двете земји, перспективите за нејзино продлабочување и го нагласи поврзувањето на двете земји во повеќе области како што се културата, образованието и економијата, како исклучително значајно.