Средба на премиерот Заев со австралиската амбасадорка Стјуард: Поддршка од Австралија за политичкиот процес во Македонија со цел успешна интеграција во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, имаше средба со Рут Керис Стјуард, амбасадорка на Државната Заедница Австралија, за Република Македонија.

Австралиската амбасадорка, Стјуард, изрази поддршка за евро-интеграцискиот процес на Македонија и очекување дека тоа дополнително ќе ги зајакне односите помеѓу Австралија и Македонија, со оглед дека Европската унија е добар трговски партнер на Австралија.

Амбасадорката на Австралија, Стјуард ја поздрави позитивната енергија со којашто премиерот Заев ги решава прашањата важни за граѓаните и државата, како и начинот на којшто го води политичкиот процес, во насока на реализирање на уставните измени во Парламентот и интеграција на Македонија.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари за поддршката што ја дава Австралија во евро-интеграцискиот процес на Македонија, како и за грижата на оваа држава за дијаспората од Република Македонија таму.

- Реформскиот процес на којшто сме посветени е насочен кон реформи во правосудството, во областа на борбата против корупција, во медиумската сфера, администрацијата, со цел ефикасни институции за граѓаните, освен што се тоа обврски што Македонија треба да ги исполни за членство во ЕУ, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека постојат услови за интензивирање на односите помеѓу Македонија и Австралија. Амбасадорката Стјуард изрази подготвеност од Австралија за споделување успешни практики во делот на привлекувањето инвестиции, ИТ областа, образованието, во насока на обезбедување стабилност, просперитет и благосостојба за граѓаните. Таа оцени дека има услови и за привлекување на интересот на австралиски компании присутни во регионот, за инвестирање во Македонија.

Разговарано е и за меморандумот што треба да се потпише помеѓу двете држави за борба против тероризмот, за културни активности што можат уште повеќе да ги доближат двете земји, како и за актуелни политички прашања во земјата и регионот.

Премиерот Зоран Заев и австралиската амбасадорка Рут Керис Стјуард се согласија дека се од голема важност добрососедските односи на државите од регионот и решавањето на сите прашања низ аспект на регионална стабилност, безбедност и економски развој.