Од 104 седница на Владата на РМ: Се одобрува кредит за Југохром за набавка на филтри против загадување; Зголемени средствата за втор повик за купени печки на пелети; Усвоен моделот за реформа на УБК; Измените на Законот за судови одат на Венецијанска

На денешната, 104 седница, Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Предлог-моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, со план за негово воспоставување. На седницата Владата на РМ го задолжи Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните органи на државната управа и други институции да ги координира сите активности кои произлегуваат од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија.

На оваа седница, Владата го усвои Предлог-законот за данокот на личен доход како дел од даночната реформа за воведување на праведен данок и пензиската реформа за обезбедување на стабилен пензиски систем, со одлука Предлог-законот да биде испратен на усвојување во Собранието на РМ.

Владата денеска одобри Министерството за правда да го достави Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за судовите до Венецијанската комисија од која се очекува да даде мислење за предложените измени и дополнувања.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изградба на Дом на спортови, и го задолжи Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката, во заедничка корелација со Агенцијата за млади и спорт, да обезбеди координација и административна поддршка за целосна реализација на предметниот проект и да ја информира Влада на Република Македонија за реализација на проектот во рок од шест месеци.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независка ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово - Бељаковце“, финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој, како и Информацијата за потреба од доставување на Апликација за инвестициски грант за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија.

На денешната седница министрите во Владата на РМ ја разгледаа и усвоија Информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка за оформување на хибридна мултифункционална операциона сала со изведување на потребните градежни работи и набавка на потребната медицинска опрема за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврохирургија, Скопје.

На оваа своја седница, Владата донесе негативно мислење за Предлог-законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година, кој беше доставен од група пратеници во Собрание на Република Македонија.

На предлог на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Владата ја разгледа Информацијата за основање на туристичка развојна зона-Матка, општина Сарај, и го задолжи Министерството за економија во рок од седум дена да организира состанок со Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Општина Сарај и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со цел да се интензивира постапката за основање на туристичка развојна зона во општина Сарај.

На денешната седница Владата на РМ ги зголеми средствата за поддршка на трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата од 14.000.000, на 21.000.000 денари, и го задолжи Министеството за економија да објави втор Јавен оглас каде право на аплицирање ќе имаaт сите домаќинства кои купувале печки на пелети во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за статусот и активностите за проектот „Western Balkans Trade and Transport facilitation” предложен од Светска Банка, кој се состои од серија посебни, главно инфраструктурни царински проекти за економска интеграција на земјите од регионот.

Владата на Република Македонија на денешната седница ја задолжи Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените.