Шекеринска за одбранбениот буџет 2019 година: Втора година по ред буџетот за одбраната расте - повисоки плати, повеќе пари за одржување, за опрема и модернизација

Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција го образложи буџетот за одбраната за 2019, кој по десетгодишниот пад, втора година по ред е во нагорна линија и оваа година изнесува 135 милиони евра.

 

 

„Минатата година одбранбениот буџет порасна за 15%, а зголемувањето за 2019 во споредба со ребалансираниот буџет за 2018 изнесува над 33%“, рече Шекеринска и додаде дека идната година освен 5-процентното зголемување на платите на припадниците на АРМ, исто толкаво зголемување ќе има и на платите на вработените во Министерството. Министерката истакна дека Владата не отстапува од планот за зголемување на буџетот секоја година за 0,2 процентни поени од БДП и дека тоа се покажува и со буџетот за 2019 година кој е зголемен за точно 0,24 процентни поени од БДП. Буџетот е развоен и реформски, со намена за подобрувањето на опремата, на условите за работа на припадниците на АРМ, а е и во поддршка на остварувањето на стратешката цел на Република Македонија - членството во НАТО.

„Нема поголема гаранција за безбедносниот и економскиот проспертет на Република Mакедонија од членството во НАТО и затоа членството во НАТО е еден од силните фокуси на Владата на РМ. Тоа е во исто време и најдобра и најголема гаранција за зајакната опремена и силна Армија, што е наша цел како Влада и моја цел како министерка за одбрана. Затоа ми причинува задоволство што Владата со навистина широк консензус ја поддржа определбата, пристапувањето кон НАТО заедно со растот на екомонијата и социјалната сигурност на граѓаните на РМ, да биде еден од трите столба во чија функција ќе биде фискалната политика за 2019 година“.

Шекеринска посочи дека една од поголемите категории во буџетот е ставката за стоки и услуги, односно 30 милиони евра за набавка на униформи што е во тек но ќе се исплаќа од следниот буџет, делот од испораката на чизми, храна, резервни делови, за обуки и школувања за припадниците на АРМ.

Поголем раст на средствата е предвиден во делот на капиталните расходи за опремување и модрнизација на Армијата, каде после долги години нивно одржување на ниво од 10 проценти од одбранбениот буџет, следната година тие ќе изнесуваат 15 проценти, односно над 20 милиони евра. Со нив ќе се започне процесот на модернизација на Армијата, почнувајќи со декларираните единици.

„Зголемениот буџет ќе резултира со квалитативно зајакнување на персоналот, опремување на АРМ согласно НАТО стандардите и подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата“, рече министерката и образложи дека зголемување за 85 проценти има во делот на логистичката поддршка на АРМ, додека цели 59 проценти изнесува зголемувањето на ставката за опрема и модернизација утрвдена со Стратегискиот одбранбен преглед 2018. Износот за одржување на борбената и неборбената техника на Армијата е зголемен за 125 проценти, со што директно се влијае на подобрувањето на борбената готовност на АРМ.

Шекеринска истакна дека за три пати е зголемена ставката за реконструкција на објектите на АРМ и подобрување на условите за сместување и работа на припадниците на Армијата. Со дел од овие средства ќе се подготви и еден објект во касарната во Куманово, каде од 2020 година ќе биде сместена Командата на Бригадата на Југоисточна Европа - СИБРИГ.

Министерката информираше дека продолжува придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии и дека за следната година е планирано зголемување на македонското учество за 25 проценти.

„Одбраната е во фокусот на Владата бидејќи членството во НАТО ја обезбедува сигурноста на нашите граѓани, ги заштитува границите на државата засекогаш и има огромно позитивно влијание на економијата на Македонија. Стабилноста која ја носи со себе НАТО гарантира нови странски инвестиции во земјата, а тоа значи нови работни места, повисоки плати и зголемен извоз. Зголемениот буџет за одбраната е манифестација за решителноста на владата да го обезбеди местото за Македонија во НАТО, како стабилна, функционална и економски силна држава со задоволни и побогати граѓани“, заклучи министерката на прес-конференцијата.