Втора јавна дискусија за нацрт амандманите на Универзитетот ФОН: Одговорноста пред татковината и пред граѓаните е огромна, во договорот има признание на нашето самоопределување и на нашиот македонски идентитет

Премиерот Зоран Заев, денеска на Факултетот ФОН учествуваше на втората јавна дебата за нацрт амандманите за уставните измени, во рамки на серијата јавни дискусии организирани со експертската јавност, граѓанските организации и останатите заинтересирани граѓани.

Пред полниот амфитеатар, каде освен стручната јавност, присуствуваа и студенти, претставници на академската заедница и граѓани, премиерот Заев се осврна на потребата да се слушнат мислењата на јавноста во врска со уставните измени, согласно Договорот од Преспа, истакнувајќи дека сè  повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, заради обезбедувањето на европската и евроатлантската иднината на Република Македонија.

 

 

Тој повтори дека јавните дискусии се дел од максимално транспарентен процес на достапност на амандманите за целата јавност, со отвореност за прифаќање на предлози, кои по завршувањето на дебатите, Владата ќе ги достави до Собранието.

Говорејќи за посветеноста за решавање на долгогодишниот спор за името, кој заедно со Договорот за добрососедство со Бугарија ја покажува посветеноста на Македонија да обезбеди мир и стабилност дома и во регионот, премиерот Заев посочи дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО.

Премиерот Заев во обраќањето се задржа подетално на досега усвоените  четири нацрт амандмани а кои се однесуваат на замената на зборовите „Република Македонија “ со зборовите „Република Северна Македонија“, инсистирајќи дека означувањето е географска одредница и дека како никогаш досега, македонскиот идентитет и македонскиот јазик се заштитени.

Во врска со Амандманот 34, тој објасни дека во Преамбулата „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“ и се додаваат зборовите „Охридски рамковен договор“, со кои, како што напомена, се заокружува едно историско поглавје, кога се создадоа можностите за развивање на концептот „Едно општество за сите“, кое во Македонија е реалност, прифатлива за сите граѓани.

Истовремено, премиерот Заев го образложи и Амандманот 35, каде во членот 3, се внесува реченицата „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ и подвлече дека со тоа се дава гаранција на нашиот сосед Грција дека ние сме пријателски народ.

На јавната расправа говореа и ректорот на Универзитетот ФОН, проф. д-р Нано Ружин и проф. д-р Темелко Ристевски.

Професорот Ружин, искажувајќи поддршка за процесот на уставните измени, говореше за потребата од истакнување на големата улога на потпишувањето на Договорите со Бугарија и Грција, како знак на пријателство и добрососедство и кои обезбедуваат стабилизација во регионот и отвораат пат на Македонија кон НАТО и ЕУ. Професорот Ружин, подвлече дека Договорот од Преспа, може да биде модел за тоа како се решаваат конфликтите и дека таквиот начин може да се примени при решавање на сите проблеми кои ги имаат земјите на Балканот.

 

 

Професорот Ристевски се задржа на придобивките од имплементирање на Спогодбата со Грција, презентирајќи го предлогот во Амандманот 36, точка 3 која вели „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство“, да се додадат и зборовите „и за припадниците на албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и припадниците на други народи кои имаат македонско државјанство и живеат во странство”.

 

 

На дебатата, на која повеќето учесници го поздравија процесот на уставните измени и напорите на Македонија за рамноправна членка во НАТО и ЕУ,  премиерот Заев одговараше и на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција. Тој информираше дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите.

Премиерот Заев одговараше и на критички коментари и прашања од граѓаните, укажувајќи дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи „Во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”. Тој изјави „нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на фиромци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца”.

Меѓу учесниците се слушнаа и предлози за внесување во личните документи и на припадноста на етничката заедница, освен изјаснувањето за државјанство.

Првата јавна дебата за уставните измени се одржа вчера во Владата, додека останатите јавни дискусии ќе се одржат во наредните денови во Скопје, Штип и Тетово.