Денес министерот без ресор Аксел Ахмедовски задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020 ги презентираше реализираните активности за 2018 година.
Во своето излагање Ахмедовски даде фокус на реализацијата на комуналните и инфраструктурни проекти финансирани од потпрограмата 11 за поддршка на Декадата и Стратегијата за Роми во рамки на буџетот на Министерството за транспорт и врски. Со оваа активност беа опфатени 9 општини (Штип, Виница, Шуто Оризари, Делчево, Тетово, Пехчево, Берово, Кочани, Битола и Куманово) во кои има значително поголема процентуална застапеност на ромската заедница.
Понатаму беа презентирани активности кои кабинетот на Министерот без ресор за прв пат ги воведе во процесот на следење и координација:
- Алатка за следење на имплементацијата на Националните акциски планови во форма на Извештај за спроведување на јавните политики за интеграција на Роми. Извештајот ги прикажува активностите преземени во однос на Националните акциски планови во четирите клучни приоритети - Вработување, Домување, Образование и Здравство
- Координација на проектни активности и поставување на координативна мрежа на делување помеѓу државните институции, невладини организации и општинската администрација, со донесување на Акционен план за спроведување на Методологија за имплементација на активности кои се спроведуваат на локално ниво во рамки на Стратегијата за Роми 2014-2020.
- Кабинетот е вклучен од реализацијата на конкретен проект со поддршка од амбасадата на Република Франција, чија цел е подготовка на Стратегија за ромски младински политики во корелација со Националната стратегија за млади.
- Потпишани неколку меморандуми за соработка со неколку граѓански организации, во чии рамки се договорени заеднички активности во насока на подобра имплементација на активности за подобрување на состојбата на Ромите и подобар пристап до правда.
- Реализиран е практикантски стаж во Кабинетот во рамки на меморандумот за соработка со Здружението на граѓани РОМАВЕРЗИТАС.
- Формирана е работна група за подготовка на Одлука за распределба на 3 милиони денари кои се во рамки на буџетот на Министерството за локална самоуправа, со кои ќе се финансираат активности од усвоените Локалните акциски планови. Информацијата за распределба на овие 3 милиони денари е во владина процедура и очекуваме нејзино разгледување и усвојување на денешната седница на Влада.
- Кабинетот иницира и координира процес за подготовка на Национален акциски план за култура која е дел од годишната програма за работа на Влада. Работната група е формирана, одржува редовни состаноци и консултации и се очекува до крајот на оваа година истиот да биде доставен до Влада на РМ за усвојување. Станува збор за Национален акциски план кој иако требало да се донесе уште во 2011г, до ден денес не е усвоен.
- Имплементација на активноста во рамки на Стратегијата за Роми 2014-2020 „Ромски образовни медијатори во основното образование“. Избрани се 16 образовни медијатори од 20 општини во Република Македонија во кои има поголема процентуална застапеност на ромската заедница.
Министерот Ахмедовски потенцираше дека во рамките на оваа година иницирана е постапката за усвојување на Локални акциски планови во општините. Усвоени се локални акциски планови во Тетово, Битола, Шуто Оризари, Прилеп, Куманово, Пехчево додека до 26 декември предвидено е усвојување на овие документи во општините: Струмица, Велес, Дебар и Кичево.
Покрај другото министерот Ахмедовски исто така потенцираше дека се реализирани голем број на средби со дипломатскиот кор, со градоначалниците и со самата ромска заедница на кои се дискутира за горливите проблеми на ромската заедница како на национално така и на локално ниво, за алатките кои им стојат на располагање на општините за унапредување на состојбата на Ромите како и можностите за меѓународна соработка за обезбедување на помош за реализација на активности поврзани со подобрувањето на животот на ромската заедница како оваа заедница во Република Македонија.
На крајот Ахмедовски потенцираше дека останува посветен на исполнување на приоритетите од Стратегијата за Роми со цел да се обезбеди подобар општествен статус на секој припадник на оваа заедница во РМ.