Соопштение за нивелација на платите и за Колективниот договор во културата

Нивелацијата во институциите од областа на културата се спроведува од причини што веќе подолг период е присутен проблемот на неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платата,  односно за исто работно место во две институции има различен бруто коефициент за пресметка на плата.

Ваквата состојба со платите во институциите во културата произлегува од непринципиелно доделување на бруто коефициенти за пресметка на плата при што не се применувал постоечкиот Колективен договор. Исто така во одредени дејности од областа на културата имало покачување на платата за 40% додека во заштитата и библиотекарството воопшто не е спроведно. Нивелацијата е во согласност и со иницијативата на СКРМ, средствата за нивелацијата на платите да бидат изгласани и вметнати во буџетот за 2019 година.

Главен приоритет на Министерството за култура и понатаму останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на Република Македонија, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на новиот Колективен договор во културата.

Во тој контекст, сакаме да потсетиме дека од причини што Колективниот договор за културата е истечен веќе 10 години, во изминатиот период во Министерството за култура беше формирана работната група составена од претставници на стручните служби на Министерството и претставници на двата синдиката: Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ), која активно работи  на анализата за правичната валоризација на трудот на вработените во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, по спроведените анализи, дополнително ќе бидат обезбедени. 

Со склучувањето на новиот Колективен договор за културата во иднина ќе се решат негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата.

Претходно, од страна на Владата на Република Македонија беше препорачано средствата што се на располагање на сметката на Министерството за култура, по добиената согласност од Министерството за финансии, да бидат наменети за зголемување на платите на стручните работници во областа на заштитата на културното наследство, а во иднина секое стекнато стручно звање да добие соодветен надоместок на платата.