Националниот координатор и замениците национални координатори од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на регионални средби со претставници на локалната самоуправа, МВР и ОБСЕ

Националниот координатор Борче Петревски и замениците национални координатори Златко Апостоловски и Џеладин Ајвази од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам во периодот од 13.11.2018 г. до 18.12.2018 г. остварија  регионални средби со претставници на локалната самоуправа и МВР во Куманово, Охрид, Тетово, Струмица, Велес, Битола, Скопје и Штип.

Регионалните средби беа реализирани заеднички со претставници на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.

Целта на регионалните средби меѓу Националниот комитет, Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, локалната самоуправа и претставници на Министерството за внатрешни работи беше презентација на Националната стратегија за спречување на насилен екстремизам (2018-2022), дискусија за предизвиците и предностите во имплементацијата на Акцискиот план, како и улогата на Локалните совети за превенција во спречувањето на насилниот екстремизам.

Учесниците на средбите ја истакнаа потребата од подигнување на нивото на соработката помеѓу локалната самоуправа и полицијата потенцирајќи ја потребата за формирање на локални совети за превенција во наведените градови.

Во тој контекст, беше презентирана улогата, структурата и начинот на функционирање на локалните совети за превенција, како алатка на локалната самоуправа и полицијата во превенирање на криминални и други девијантни однесувања во локалната самоуправа, вклучително и на насилниот екстремизам во сите појавни облици.

На сите средби беше постигната согласност за формирање на локални совети за превенција, при што локалната самоуправа треба да ја преземе улогата на одговорна институција задолжена за формирање на советот и обезбедување на логистичка и друга поддршка, а градоначалникот да ја има улогата на претседавач со советот.