Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имаа средба со претставници на Синдикатот на Клиничкиот центар, на која разговараа за можностите за покачување на платите на здравствените работници.
На средбата, разговарано беше дека после првиот квартал, со ребаланс на буџетот може да се планира и дополнително зголемување на платите на здравствените работници, зависно од можностите, за што разговорите ќе продолжат.
Премиерот Заев и министерот Филипче објаснија дека Буџетот е изгласан во Собранието, но дека постои разбирање за здравствениот персонал, согласно ветувањата во програмата за кои се вложуваат сите напори да бидат реализирани до 2020 година.
До сега здравствените работници добија зголемување на платите за 5 отсто во септември 2018 година, зголемување на надоместот за дежурствата, а специјализантите за првпат земаат надоместок и се платени за својата работа. Во јануари 2019 следи зголемување за дополнителни 10% за докторите специјалисти, 5% за општите лекари, 5% за медицинските сестри, а во септември месец 2019 година за останатите административни работници во здравството.