116-та седница на Владата на Република Македонија

Денешната, 116-та редовна седница на Владата на Република Македонија, ќе биде отворена со презентација на приоритетите на Романија за време на претседателството со Советот на Европската Унија, што ќе ја одржи амбасадорот на оваа земја во Република Македонија, Виорел Станина.

Седницата потоа ќе продолжи со повеќе точки на дневниот ред од Програмата за работа на Владата на Република Македонија и од интерес на граѓаните, како што е донесувањето одлука во врска со Информацијата за потребата од обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот „Изградба на железничка пруга од Крива Паланка до граница со Р. Бугарија“, што ќе ја презентира Јавното Претпријатие Македонски Железници Инфраструктура.

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, на оваа седница на Владата ќе ја претстави својата Програма за работа и Финансиски план за 2019 година, а на предлог на Агенцијата за млади и спорт, Владата ќе ја разгледа Предлог-програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за оваа година.

На денешната седница на Владата на Република Македонија ќе биде расправано и за Информацијата за Програмата на Економски Реформи 2019-2021 година, на Министерството за финансии.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија ќе ја предложи на усвојување Предлог-програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, а на предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање на седницата на Владата ќе се најдат Предлог-годишната програма за заштита на природата за 2019 година, и Информацијата за поддршка на иницијативата за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје.

Седницата на Владата на РМ, на која ќе се разгледаат и повеќе други предлози и информации, е закажана со почеток во 13:00 часот.

 

 

Календар Влада: 
Tuesday, January 22, 2019 (All day)