Одговори на новинарски прашања на премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Сугарески и директорот на „ЈП за државни патишта“, Китанов на заедничката прес-конференција

Во прилог, интегрално Ви ги пренесуваме прашањата на медиумите и одговорите на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот Горан Сугарески и директорот Зоран Китанов на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија.

 

 

До премиерот, Зоран Заев, меѓутоа јас ќе се извинам малку е и на темава прашањето, иако е и политичко пред се, значи би ве прашала дали сте како партија СДСМ поблиску до предвремени парламентарни избори одлуката, но прашањето ми е во контекст, значи како доколку се распишат предвремени парламентарни избори овие силни инвестиции дали нема да бидат попречени на некој начин бидејќи нели бизнисот се жали дека не може да функционира во време на избори. Благодарам.

Одговор на премиерот Заев: Прво мене ми е драго што денеска правиме една ваква презентација којашто веројатно личи на избори. Oбично политичарите ги најавуваат големите капитални инфраструктурни проекти посебно патиштата кога бараат и гласови од граѓаните. Ова никако не може да биде сопрено без разлика дали ќе се оди на парламентарни избори заедно со претседателски, или само на претседателски избори поради тоа што е тоа составен дел на програмите и буџетот на Република Македонија. Законот е јасен, не можете дополнителни активности да предвидувате и да ја реализирате за време на распишани избори или додека се одржува кампањата, но сето тоа што е предвидено во буџет со донесени програми не престанува, се реализира и тоа е Законот во Република Македонија и изборниот законик тоа целосно го регулира. 

Дебатата е отворена, ние имаме дебата, централниот одбор веројатно ќе го држиме во петок, може да донесеме одлука, може само да биде дел од дебатата па за неколку дена и да ги донесеме одлуките, но сигурно ќе отпочнеме со постапките за номинирање на кандидати за Претседател на државата и кандидати за градоначалници на Охрид, Ново село и Дебар. Тие се општини каде што ќе се одржат и локални избори заедно со претседателските избори. Тоа сигурно ќе се случи во делот на одлуките но и дебатата ќе биде отворена за донесување на одлука, дали заедно со претседателските, ќе одиме и на предвремени парламентарни избори.

Колку што можевме од бројките да слушнеме, милиони, милијарди, некој во тек, некој реализирани, минатата недела и министерот Сугарески најави Стратегија, транспортна, тешка 4,2 милијарди во наредните 12 години. Симптоматично е, што јас се сеќавам пред десетина години, инфраструктурни проекти тогаш беа, чинам 8 милијарди, а чекаме неколку месеци да биде пуштен во употреба автопатот Миладиновци-Штип. Сакам да прашам, колку од овие проекти се обезбедени средства досега, како ќе се реализираат од каде пари и исто така, дали овие проекти пред Стратегијата, се оние од капиталните инвестиции кои ги предвидуваме секоја година, по 300, 400 милиони евра?

Одговор на министерот Сугарески: Околу сите овие проекти, кои што и претседателот на Владата, вицепремиерот, директорот и јас соопштивме, се обезбедени средства. Значи, прво не треба да ги мешаме работите, 300, 400 милиони евра кои што се за капитални инвестиции во Буџетот на Република Македонија, тие се одделно од „ЈП за државни патишта“ (ЈПДП) кои што ги има. По основ на средства од ЈПДП и по основ на кредити кои што се обезбедени.

Во делот на она што, како документ Владата на РМ го донесе на предлог на Министерството за транспорт и врски, во тој стратешки документ, станува збор за 4,2 милијарди евра. Најголем дел од тие проекти се во фаза и дополнително оние кои се разбира низ годините, кои што се вклучително и во делот на железницата, каде што очекуваме дополнително за третата делница да бидат обезбедени средства за финансирање од Крива Паланка до македонско-бугарската граница. За првата фаза се работи, за втората фаза се обезбедени тие 145 милиони евра од кои што 68 милиони евра се грант. Значи за сите проекти, за разлика од претходно кои што беа 8 милијарди, најавени, само така, овие се врз база на обезбедени средства од банките, обезбедени средства од Буџетот, обезбедени средства од јавните претпријатија. Така да, апсолутно, ниедно нешто кое што беше овде кажано, прочитано, не е паушално, напротив и директорот спомна, значи од утре временските услови ако дозволуваат, 40 патни правци веднаш може да се градат. Така да, ова е правено и врз база на анализа, во голема мера, јас често пати на прес-конференциите ве повикувам сите заедно со нас, организирано од Владата, да прошетаме низ Република Македонија. Тврдам, дека во историјата на Република Македонија никогаш повеќе не се градело од сега. Не постои општина, каде што не се гради без разлика дали станува збор за автопат, експресен пат или регионален пат. Опфатени се сите општини, согласно и регионалниот рамномерен развој и согласно она што значи програма на „ЈП за државни патишта“, „Македонија пат“ и се разбира Владата на РМ.

Вицепремиерот Анѓушев спомна железничката инфраструктура, ако може ве молам подетално за железничката инфраструктура и во таа смисла прашање до министерот и до вас господине Китанов, околу безбедноста на железничките премини. Министре Сугаревски, луѓето што гравитираат кон Маџари, тие 12 месни заедници кажаа дека меѓу другото од 2005 го решаваат проблемот, тие како да го решат, имале средба во која што сте ветиле дека конкретни мерки за брзо ќе бидат, што е со таа работа? И само може да ми објасните зошто во овој дел на картава е скроз бело, на потегов Гостивар, Велес, Крушево до Ресен доле, што значи тоа во другиве делови на Македонија по така со патишта?

Одговор на заменикот на претседателот на Владата на РМ, Анѓушев: Ви благодарам за прашањето. Да најавам дека за железниците и за железничките правци ќе одржиме посебна прес-конференција, но сега ќе ви ги дадам базичните параметри, а тогаш ќе ви ги кажам деталите, значи ќе ви ги кажеме сите кои што сме одговорни за таа работа. 

Во железницата исто така има забрзани активности. Се сеќавате дека, мислам дека веќе сите историски ја памтиме пругата од Бугарија, дека 25 години ја градиме, а никако да ја изградиме. Сега веќе има конкретни активности, таа е поделена на три делници, првата делница е од Куманово до Бељаковце и таа требаше да биде завршена 2016 година. За жал кога ние дојдовме на власт и ја преземавме одговорноста, таа беше со 23% реализација. Денеска нејзината реализација е над 55% и ќе биде завршена во рамките од 15 месеци. Втората делница е од Бељаковце до Крива Паланка, со проценета вредност од 147 милиони евра е тендерирана, средствата обезбедени од ЕБРД кредит скоро половина и 45% средства грант од Вест Балкан Инвестмент Фанд и таа е во фаза на евалуација и ќе биде избран изведувач во најскоро време и ќе отпочне со имплементација. Третата фаза која што е воедно и најтешка, бидејќи се наоѓа во планински регион, а тоа е од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, е со проценета вредност од околу 400 милиони евра. Таму исто така се обезбедени средства од ИПА грант, 60 милиони евра и остатокот се преговара за финансирање на таа делница и мислам дека до крајот на годината и таа ќе биде тендерирана. Тоа јасно кажува дела Владата постојано работи во тој дел и тука веќе кажавме исто така големи инвестиции. 

Паралелно на тоа, знаете дека Битола - Кременица, исто беше проблем со сериозни по тешкотии и тој проект е завршен. Направен е овертејкинг сертификат, значи завршени работи и исто така се рехабилитира коридорот 10 север - југ и тука има одредени активности кои што ќе се довршуваат, но главните инвестиции во железничката инфраструктура ќе бидат на потегот према Бугарија. 

Сакам да ја искористам приликата, да кажам дека со ваквата градежна активност, пред се на патната инфраструктура во Македонија, јас очекувам да нема слободна градежна машина откако временските услови на пролет ќе го дозволат и мислам дека тоа ќе направи сериозен импакт врз целата економија, бидејќи како што напоменав градежништвото е важно за инфраструктура, важно е за поврзување и пренос и на луѓето и на робата, меѓутоа е уште поважна бидејќи прави импакт врз целата економија и врз сите други економски гранки. Благодарам.

Одговор на директорот на ЈП за државни патишта Китанов: За она што прашавте за белото зошто е бело на оваа карта. Тоа е зашто на неа не е опфатена програмата што се реализира преку „Македонија пат“ од 93 километри и тука баш е опфатена општина Чашка, Крушево, и целиот тој дел. Значи има и за таму предвидено доволно. Да не ви ги читаме сега проектите, обратете се до ЈПДП, ќе ви ја дадам цела листа, сите тие патишта што ќе се работат. 

Во делот на средствата пред тоа што прашавте за изградбата на овие патишта, дали е само приказна, значи одговорно ви тврдам не постои фактура доставена до ЈПДП што чека повеќе од три дена за плаќање. Средства има. Час поскоро нека сработат, сите ќе си ги добијат своите пари. 

Одговор на министерот Сугаревски: Вицепремиерот најави дека ќе имаме посебна прес-конференција за железницата, меѓутоа бидејќи се поставуваат тука прашање во делот на мостовите и во патната и во железничката инфраструктура, јас сум согласен. Да точно имавме средба на којашто средба ние разговаравме со луѓето и им ветивме дека нивните проблеми кои што се поврзани во делот на безбедност ќе бидат решени. Јас дум свесен дека во година и пол сите мостови и се во РМ не може наеднаш да се направи, меѓутоа и ЈПДП за наредната година има над 10 мостови кои што ќе бидат санирани. Паралелно беа дел мостови и реконструирани и направени. И во делот на железницата имаме проблем. Јас не можам со точен датум да кажам кога ќе биде крајно тој дел реконструиран и завршен, меѓутоа можам да гарантирам согласно тоа што и НАТО до ланската година ги реконструираше мостовите, дека и Владата на РМ ќе го реши овој проблем, пак ќе кажам не сакам да лицитирам со термин, меѓутоа тој проблем на луѓето е ветен и ќе биде решен.

До премиерот Заев, пред почетокот на оваа прес-конференција, од Владата информираа дека Законот за јазици е испратен до Венецијанската комисија. Кога очекувате одговор и дали доколку има препораки или пак некакви укажувања од Комисијата, постои волја истите да бидат имплементирани во Законот?

Одговор на премиерот Заев: Како што, од почетокот, од пред повеќе од една година, кога беше отворена дебатата за донесувањето на Законот за употребата за јазиците, ги прифативме сугестиите за да отстраниме било какви резерви на било кој граѓанин дека по укажувањата на Венецијанската комисија, значи со изгласувањето објавувањето, испраќањето во Венецијанската комисија секое укажување ќе биде вградено и на тој начин ќе ги отстраниме конечните резерви кај било кој граѓанин. Уште еднаш, напоменувам, ова е дадено право, коешто досега беше забрането право. Не се плашиме, заради тоа што се работи за јазици, употребата на јазиците. Полесно ќе се разбереме. Меѓу другото, според мене до сега беше блокиран процесот, за да не дознаат граѓаните дека не е крај на светот. Односно, е уставно право, на дел од нашите граѓани, од помалку бројните заедници и со тоа ќе видат дека, апсолутно ниту повредува одредено друго право, ниту пак претставува не знам какви проблеми, како што се пишува насекаде низ Македонија, или се коментира. Денеска, го испраќаме и Законот и алтернативните две одредби, кои што уште тогаш го ветивме. Венецијанската комисија, очекувам во регуларниот период, кога носи одлука, да ги даде своите сугестии. Штом ќе ги даде, ние јавно ќе ги објавиме и секако ќе постапиме по самите сугестии.

Осудените во случајот Сопот не бараат ни патна инфраструктура, ни регионална, ни локана, но бараат надоместок на штета, тоа што им гарантира Законот. Државниот правобранител бара спогодба меѓу Владата и екс-осудените. До каде е тоа барање и дали ќе имаме спогодба меѓу Владата и екс-осудените во случајот Сопот?

Одговор на премиерот Заев: Се работи за наши граѓани. Правата кои што по закон им следуваат секој граѓанин подеднакво да ги ползува. Тоа е и дел од едно општество за сите, тоа е дел и од обврската од меѓународни конвенции, нашиот Устав, нашите закони и слично. Верувам стручните луѓе, не знам дали тоа преговара правда или слично. Ако е по закон така, за државата е поцелисходно да се спогодува, заради тоа што судски, извршителски трошоци само дополнително одложување, односно зголемување на самите импликации врз Буџетот, но и секако и трошење непотребно време. Така да во многу спорови, сме постигнале спогодби до сега, се со цел да скратиме време и трошоци, верувам дека ќе се изнајдат решенија. Така да нашиот став е јасен, законот мора да се почитува, пресуди се донесени, правата кои што граѓаните ги имаат согласно Устав и закон мора да бидат спроведени. Рековме Владата, државата постои заради граѓаните и ние треба да ги исполниме сите наши обврски и очекувања кои што граѓаните ги имаат а се секако согласно Законот. 

За премиерот, ни рековте дека оваа година е економска година. Имате за задача реформи, во јуни очекувате да добиете датум за Европска Унија, доколку се распушти Парламентот за предвремени парламентарни избори, а Европската заедница сака да ве подржи во изборите, дали ќе се оствари сето ова со новите избори и второ прашање дали имате консензуален кандидат?

Одговор на премиерот Заев: Да му го кажете тоа на господинот Мицковски кој бара избори. Дебатата е отворена, јас сум демократ, мојот став го знаете континуирано од почетокот на мојот мандат. Македонија трпеше прекинување на мандати и за време на сите тие месеци на одржување на избори, даваат мандат, не даваат мандат, мнозинство формирано, не формирано, преговори, министри - губи државата. Во тој аспект ставовите уште еднаш ги потенцирам. Ако гледаме исклучително партиски, избори на социјал-демократскиот сојуз и на коалицијата и одговара, заради тоа што сите анкети тоа го покажуваат, заради тоа што крупните прашања се решени, ќе имаме еден цел мандат од 4 години, но државата од 3 - 6 месеци ќе изгуби, се зависи како ќе бидат и на крајот самите резултати околу конституирање на Владата, кадровските калкулации, па и добивање на мандатот и гласањето во самиот Парламент. Но не основано и размислувањето за самите избори. За мене е важно државата Република Македонија. Оваа Влада донесе храбри одлуки, подржани од Парламентот, одлуките не беа воопшто лесни, ако биле лесни некој друг ќе ги донесол претходно. Мислам дека треба нашите граѓани да ги соберат плодовите од тешките одлуки кои што Македонија ги донесе. Одлуките беа тешки, но секако отвораат одлична перспектива, затоа сме денеска еве вака со озарени лица, со овие табли, да се знае насекаде во Македонија, да ги видат своите локални и регионални патишта. За неколку денови се надевам, ако се постигне договорот со Светска банка стартуваме и конечно со проектот Македонија е без кал. Со локалните патишта и регионалните патишта, железниците што се градат, гасификацијата и сето тоа е во најголем дел надвор од капиталните инвестиции од буџетот. ЈПДП е надвор, не е во делот од 400 милиони евра капитални инвестиции во Буџетот. Тоа е нивни, сопствен буџет. Дел од гасификацијата е надвор, освен тоа што додаваме од државата за експропријација, за одредени работи. Дел од железницата имајќи ги трансферите преку транспорт и врски се пренесуваат на македонски железници, а тука се најголемите капитални инвестиции. Останатите од тие 300 - 400 милиони евра капитални инвестиции се училишта, детски градинки, водовод и канализации, таков вид на капитални проекти, кои исто така се многу важни. 4,2 милијарди за 12 години мислам дека само капиталните инвестиции на Буџетот без јавно претпријатие, без другите претпријатија, се 4 милијарди и 800. Дај Боже да ги реализираме ние 100%, со 95% реализација дополнително сето тоа што е напишано, милијарда и 400 милиони блиску, за регионални патишта, овде ќе ги дополниме и локалните патишта, железниците во Македонија, само Коридорот 8 е без малку 7-8 стотини милиони евра. Да не зборуваме за гасификацијата во државата и слично, капиталните инвестиции се реална бројка, само треба акција, оператива, носење храбри одлуки, квалитетна изведба, заради тоа што сепак се пари на граѓаните, дали се од кредити или од сопствени буџетски средства, тоа на крајот се пари на граѓаните. Верувам дека тоа ќе го заживее и тоа како економскиот раст и развој, едно од најсилните причини зошто треба да се даде шанса на економијата во Македонија. Интересот на странските компании го коментирам многу често, компании за 2-3 дена се јавуваа веднаш после нашата одлука во Парламентот, со донесени одлуки за свои инвестиции, верувам дека ќе расте огромниот број, затоа што многу компании очекуваат конечно да заврши целата процедура околу Договорот од Преспа. Македонија треба да даде шанса на тоа, но истовремено алтернативата е кога веќе се спроведуваат претседателските избори, па зошто да не се оди и на вонредни парламентарни избори. Сите тие дебати и анализи се отворени во коалицијата и кај мене во мојот политички субјект кој што го водам, СДСМ. Јас само можам на вас и на граѓаните да им ветам чесна и одговорна одлука, заради тоа што јаc ги водам состаноците, како прв во СДСМ, но одговорноста мора да ја имаме пред сè за државата. 

Консензуалниот претседателски кандидат, уште еднаш напоменувам, не треба да биде меѓу Зоран Заев и Али Ахмети, или не знам Африм Гаши и Али Ахмети, или било кој Енес Ибраимовски или Самка Ибраимовски, туку треба да биде на граѓаните. Има такви луѓе во Македонија. Ако бидеме пред се одговорни за државата, има постапки, процедури кои што политичките субјекти ги имаат заради давање на подржа на кандидат за претседател, анкетите и истражувањата, слушањето внимателно на граѓаните, ќе го најдеме. Верувам дека тоа е возможно и сите дури во Македонија да застанеме, не е реалноста во државата, но е возможно посебно со очекувањето за претседател кој што ќе им биде претседател на сите граѓани и навистина ќе ги нема тие слабости кои што досегашниот претседател на РМ ги покажа во делот на мултикултурализмот, мулти-етничкото општество и нашите одговорни политики во делот на интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО.

За тоа кога ќе го објавиме консензуалниот кандидат, има процедури, ќе се одржат конгреси, треба да се направат анализи, постапките се започнати, ако бидат изборите во Април, а ќе бидат во Април сигурно првиот круг, може и вториот, може вториот ќе биде во месец Мај, тие се роковите, ќе ги определат и претседателот на Собранието и Државната изборна комисија, тие се институциите кои што ќе одлучат. Согласно тоа, ние во постапките наназад враќајќи во времето, ги знаеме постапките како да донесеме најмудри одлуки, од нашите мудри одлуки така ќе очекуваме поддршка и од граѓаните. Јас верувам дека тоа ќе се случи, дебатата е веќе отворена, знаете дека имиња има насекаде, да бидеме паметни, навистина без суети и предрасуди да избереме кандидат за кој што граѓаните ќе кажат ова е надеж, ова е добро, може да застанеме зад него. Јас сум надвор од конкуренција.

Дали е вистина дека сте нарачале вие мерење на рејтингот на неколку функционери на СДСМ како можни претседателски кандидати?

Одговор на премиерот Заев: Мислам дека нема партија од поголемите што не прави анализи и рејтинзи во моментот, бидејќи секој сака да победи, секој сака да застане зад вистински кандидат, секој сака да на граѓаните им понуди најдоброто што постои, да и ние правиме истражување во овој момент, по разни основи за да можеме секако да носиме нај паметни одлуки.

Зошто во вербалната нота до Грција, Македонија потврди дека во Преспанскиот Договор, терминот Македонец важи само за државјанство, а не и за национална етничка припадност, како што беше потврдено од грчкото МНР од каде велат дека не ја признаваат македонската нација, а и од премиерот Алексис Ципрас кој вели дека Македонец значел само државјанство, а не и етничка припадност?

Одговор на премиерот Заев: Еве вака, значи прво членот 7 од договорот јасно определува, страните прифаќаат дека нивното односно разбирањето на термините Македонија и македонски, се однесува на различни историски контекст и културно наследство, и опишува во однос на првата страна, тоа е грчката страна и во однос на втората страна, тоа е нашата страна, кои што ги определуваат термините и означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлуки се нивната сопствена историја, културно наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во членот 7, ставот 2. Значи од Грција јасно е дистинкција прави, тоа е убавината и модалитетот којшто самиот Договор го дава на еден пријателски начин.

Исто така, втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужно-словенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на втората страна, не се поврзани со етничката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на првата страна. Ниту една одредба на оваа спогодба нема за цел на кој било начин да ја поткопи измени или да влијае на употребата од страната на граѓаните на двете страни.

Во ваков еден контекст, да се радуваме дека Грција овие денови ќе донесе одлука. Договорот регулира државјанство, нашата етничка припадност како Македонци е право на самоопределување. Тоа право на самоопределување од Грција е признаено и никогаш повеќе нема да биде оспорено, и во меѓународните конвенции чувството на припадност е регулирано право, проблемот кај нас беше што правото на самоопределување досега беше оспорено, закочено или слично. Повеќе Македонија нема вакви проблеми. Јазикот е нашиот идентитет, културното наследство, историското наследство, е нашиот идентитет. Уште еднаш во нашиот Устав под членот 49, став 1 е потврдено Републиката ги штити и гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Амандмани прифатени од Грција и апсолутно во духот на Договорот ги тераме сите постапки, јас му посакувам среќа на грчкиот Парламент да ја донесе одлуката и да продолжиме да градиме пријателство како што очекуваат граѓаните од нас.

Прашање до директорот Китанов, околу 90 вработени, во Патарините, кои што се со Договор на дело, продолжен им е договорот и за оваа година, а нели патарините стануваат електронски? Што ќе биде со нив, после оваа година. Дали ќе има место за нив, или ќе треба да бараат ново работно место?

Одговор на директорот Китанов: Накратко, значи некој порано не планирал кога го правел тендерот за употреба на електронските патарини дека преку ноќ, нема да има ниеден вработен и се ќе биде електронски. Значи, тоа нешто не е возможно, но, таа процедура не може да биде за 6 месеци. Значи и во другите држави, година, две, трае додека се ослободува рампа по рампа, за да може да се користат електронските патарини, но, не е тоа не е некое црно сценарио дека ќе бидат отпуштени од работа. Во меѓувреме, ќе се отворат пунктови за продавање на картички, така да нема опасност од отпуштање на работници.

Прашање до премиерот Заев, потврдивте дека веќе сте нарачале анкети за некој од вашите членови на партијата за кандидат за Претседател на државата. Се спомнаа и имиња во „Независен весник“ ако не се лажам, тоа е госпоѓата Шекеринска, господинот Спасовски, господинот Пендаровски и господинот Никола Димитров. Дали тоа значи, дека Вие ќе го предложите консензуалниот кандидат и доколку не се прифати, дали постои опција да одите сами на избори, не во коалиција? И уште едно прашање. Сами се пожаливте, не сте задоволни од работата на некој од Вашите министри, дали доколку не се одлучите за избори, ќе има реконструкција на Владата или ќе одите со овој Кабинет до крај?

Одговор на премиерот Заев: Мислам дека повеќе од десеттина имиња, се истражуваат, Македонци, Албанци, Турци, Срби, повеќе имиња истражуваме, за да видиме како размислуваат граѓаните, правиме кростабулации со можни кандидати од противничката страна и слично, за да видиме како тоа ќе изгледа. Веројатно, тоа е чекор, по чекор, за да се обидеме со силата на аргументите, со ставот на граѓаните, да се обидеме, прво во коалицијата пред се и пошироко во консултации со граѓански организации и други, за да најдеме стварно личност која што од сите оние понуди, за секој што се нафаќа, отприлика, да го изнајдеме најприфатливото решение. Најприфатливото решение, впрочем би значело максимално консензуално прифатливо решение Консензуален, во Македонија значи, сите да застанеме зад него. Тоа не е возможно. Веројатно, опозиција и власт ќе се поделиме. Но, во секој случај, јас ќе се обидам да разговарам, дури и со одредени опозициони партии, секако доколку имаме сериозни одлуки, зад кои што, прво дома, во мојата партија, па во Коалицијата, би прифатиле имиња, за да може да прошириме и опфатот на сите. Верувам дека, ако се оди само на претседателски избори, треба тоа да го направиме малку покомфорно за граѓаните, да не ги закочиме процесите кои што се водат во државата, затоа што претседателските избори се многу важни. Изборот на претседател на државата е многу важна постапка, но пред тоа да дадеме шанса, за развојот и растот на Република Македонија. И, за второто прашање. (за реконструкција на Владата, н.з). Немам донесено некоја одлука, немам размислувано сè уште. Нели рековме за ова ќе размислуваме кога ќе заврши процесот околу Преспанскиот договор, оваа недела дај боже да заврши, ќе одлучи грчкиот Парламент, кога тоа конечно ќе се случи. Но, секако и тоа е поврзано со сите други одлуки, кои што во моментов се носат. Ако имам било каква одлука, јас веднаш ќе ја соопштам.

Прашање до премиерот и до вицепремиерот, дали Ве загрижува атмосферата во Македонија, каде што е многу анти-бизнис настроена, па општина Кавадарци ја одби идејата за Железара од 50 милиони евра, Карпош ги ревидира ДУП-овите, Центар има Мораториум, Источна Македонија е против рудници и буквално се добива чувство дека сакаме сите работа, сакаме пари, високи плати, ама не сакаме фабрики, рудници, градежништво. Во извесна мера и Вие сте виновни, бидејќи пред зборите водевте кампањи против градежништвото и против рудниците. Сега Вие го убедувате народот дека ни треба и тоа?

Одговор на премиерот Заев: Јас мислам дека постои решение и на одржување на ставовите за кои што сме се залагале и остануваме конзистентни, од времето на опозиција и до сега, а при тоа градежните процеси да не застанат во државата. Не е доволно државата да гради, треба приватниот сектор да биде двигател на развојот. Така да, дебатата, вредна од пет часа, што јас лично, градоначалникот на Кавадарци, потпретседателот на Владата, Анѓушев, советниците од таму, од сите политички партии, дадоа на крајот резултат. Откривме, дека постојат и други алтернативни локации и ќе се гради на друга локација. Затоа што, оваа локација, со сите свои параметри, има индиции на цинкара, не е само ладно валење, на лимови и слично. Да не навлегувам во детали, проблемот е решен, се бара веќе друга локација, која што е надвор од генерални планови, на било кој град во Македонија, за да може да бидат запазени сите стандарди. И верувам дека ќе продолжиме во еден ваков процес. Мојот став, и кон Центар и кон Карпош, Кисела Вода и сите општини... Скопје мора да се гради, но со „усул“. Ова мегаломанство, видовме како влијае. Нема поважно од здравјето на луѓето. Здравјето доаѓа и со побогати луѓе, мора да им раст и развој, мора да се гради. Се надевам нај повеќе фабрики, па после и деловни простори и колективни згради, куќи и се што треба. Така да, мојот апел е, градоначалниците и советниците и транспорт и врски, имаат алатки. Овие висините мегаломански, да се намалат. Котите, да го намалат изнасилено градење кое што го знаевме од порано во Скопје. Да се развива Скопје рамноправно, да нема концентрирање таму каде што е примамливо, во центарот. Модерниот свет живее во периферии, има начини како и тоа да се развива. Ги охрабрувам да носат детални Планови, да завршат со мораториуми, затоа што доаѓа пролет и да им бидат добар сервис на имателите на парцелите. Дали се тоа, приватни, индивидуални лица или се приватни фирми, треба да им се даде да градат, а притоа тоа да биде регулирано со Деталните планови, со одобренијата за градба, кои што се под пенкалото на градоначалникот, на министерот за транспорт и врски или под одлуките на Советот. Притоа, ги подржувам, секако, во зимски период да застанат градежните активности. Дополнително, го загадуваат воздухот и затоа ваквите мерки секогаш се координирани, консолидирано. Овој период, никој не ги прашува работниците како е на минус 12 да се гради и тој солидарен аспект мора да го имаме и здравствениот аспект од делот на загадувањето на воздухот. Но пролетта е пред нас, јас очекувам раст, развој, очекувам економија, очекувам придобивки, бенефит, директно за граѓаните.

Прашање до вицепремиерот Анѓушев, сте изјавиле дека ги враќате промоторите, иако велите дека не се промотори, нема да носат странски инвеститори, но ќе ги промовираат предностите за вложување во Македонија? Нели е тоа исто? А претходно, велевте дека нема ефект од промоторите и зошто овие лица ќе одат преку Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони?

Одговор на вицепремиерот Анѓушев: Да, точно е, меѓутоа не изјавив дека тие нема да промовираат, нема да атрактираат или да ја презентираат нашата Програма пред странски инвеститори. Напротив, тоа ќе го прават. Сакам да направам јасна дистинкција, помеѓу двата модела. Претходниот модел бил, каде што се праќаа македонски промотор во странска држава и тој прави паралелизам на амбасадорот таму. Значи, тие се сместени во Амбасадите и паралелно работат со амбасадите и тука имало двојство на улогите и тоа не даде баш најсоодветен резултат, односно на многу места предизвикало конфликтни ситуации. Но, од друга страна, нашата држава е мала и ние не може да очекуваме дека сите нас ќе не бараат во светот, напротив, треба ние да излеземе и тоа да го презентираме пред светот. Но, сега веќе имаме што да презентираме, имаме еден Закон за поддршка на инвестициите во индустријата и имаме Програма, која што треба да ја презентираме. Токму тоа ќе го направиме преку три концентрирани центри. Едниот центар да биде, во Америка, веројатно на Источниот брег, едниот центар во Германија, веројатно во Западниот дел на Германија, каде што ќе може да се покријат и сите соседни земји, значи во центарот на Европа и едниот центар на Блискиот Исток, каде што ќе можеме да ги информираме тамошните земји. Тоа ќе бидат единици, концентрирани, кои што ќе имаат двојна задача. Една задача е светот да го информираат за нашите програми, да разговараат со странски инвеститори, да ги донесат во Македонија, а другата задача ќе биде, да презентираат македонски производи, тоа што ние како држава го произведуваме. Практично, ова е сосема различен и она што морам да го подвлечам, многу поевтин модел, отколку да испратите во 40 земји, 40 промотори, кои што работат дивергентно. Ова ќе биде евтин модел, кој што имате во Буџетот, нема да чини премногу, а од друга страна концентрирано очекуваме да донесе резултат.

Да довршам на темата. Најавивте идеја за економски аташеа. Останува таа идеја?

Одговор на вицепремиерот Анѓушев: Не, значи она што го согледавме во меѓувреме, е дека доколку се економски аташеа согласно Законот во МНР, треба да се од редовите на ова Министерство, односно да бидат најмалку да бидат најмалку две години таму вработени, а за жал таков кадар специфичен нема и затоа пребегнавме кон ова, кое што е по оптимална, а верувам и со поголем резултат идеја.