Министерот Поповски на дебата посветена на истражувачкото новинарство: Oбезбедивме гласност и јавност за секое прашање како предуслов за пораст на бројот на истражувачките стории

Mинистерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска, во хотелот „Холидеј Ин“ учествуваше на дебата за перспективите на истражувачкото новинарство во организација на Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентар.

Дебатата, на која учествуваа новинари, медиуми и претставници на нивните здруженија и невладини организации опфати две панел дискусии, а беа презентирани резултати од мониторингот на медиумите за квантитетот и квалитетот на истражувачкото и аналитичкото новинарство во рамки на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, финансиран од Европската Унија, за периодот од 2016-2018 година.

Во презентацијата, беше споменато дека за последните три години најголем процент на истражувачки стории бил забележан во последните три години. Во овие новинарски стории доминирале темите од политиката и економијата, а најзастапени биле анализите за државните институции.

Министерот Поповски кој учествуваше во првиот дел, на дебатата, кој беше фокусиран на прашањето „Дали зголемениот број на истражувачки стории во медиумите е долгорочен тренд или само краткотрајна промена“ подвлече дека за разлика од претходната пракса,актуелната Влада обезбеди услови за гласност за секое прашање од важност за граѓаните, што е еден од предусловите за истражувачките стории, кои бележат долгорочен тренд на пораст.

Оценувајќи ја дебатата како исклучително квалитетна поради учеството на професионалци во медиумската сфера, министерот Поповски истакна дека таа може многу да придонесе за развојот на новинарството вклучително и истражувачкото новинарство.

„Верувајте мене лично не ме задоволува овој процент. Да, можеби и во светски рамки, 5,6 пати поголема застапеност е задоволителна, но мислам дека на Македонија и треба многу повеќе. За таа работа своја улога и одговорност има Владата и институциите, но и новинарската професија, медиумските работници и медиумската индустрија“, подвлече Поповски констатирајќи дека само заедничката соработка и укажувањата на слабостите и на едната и на другата страна можат да доведат до подобрување на информираноста на граѓаните и остварување на интересот на јавноста во една демократска држава.

Министерот Поповски истакна дека на врвот на политиките на актуелната Влада на Република Македонија е концептот на отворена влада, која максимално ги поддржува сите идеи за концептот за медиумска писменост како еден од начините за борба против лажните вести.

Министерот се осврна на целосната отвореност и достапност на Владата до медиумите, споменувајќи дека комуникацијата со јавноста, која се остварува преку одржување на речиси секојдневни прес-конференции, брифинзи, од лица одговорни за односи со јавност во секое Министерство, како и праксата на редовно објавување на сите одлуки на седниците на Владата.

Тој додаде дека Владата го укина надоместокот за добивање информации и документи од јавен карактер, кои сега секој може да ги добие бесплатно во електронска форма на дигитален носач или преку електронска пошта, со што се олеснува работата на новинарите со слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство.

Како поддршка на истражувачкото новинарство и сториите ги наведе и достапноста на „Алатката за јавните трошења на владините функционери“, доставувањето на увид на јавноста на 21 документ од министерствата, е-порталот и внесувањето на најголем број од сугестиите на медиумските работници во новиот текст на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Заробената држава, сериозно ги има оставено ефектите кај некои луѓе од администрацијата, кои се плашат да комуницираат. И тоа е менување на политичката одлука. Огромна обврска и наша и ваша е, да ни укажувате секаде каде има проблеми, за да можеме брзо да реагираме, бидејќи детектирањето многу попрецизно кога доаѓа од ваша страна“, подвлече министерот Поповски. Тој додаде дека Владата колку што е можно повеќе ја намалува улогата на владините регулативи во медиумските реформи, останувајќи и понатаму посветена на силна и целосна поддршка кога е во прашање саморегулацијата и подигањето на професионалните стандарди.

Истакнувајќи дека секоја влада која се декларира како демократска и прогресивна, ќе најде секогаш начини и можности да ги помага и јакне капацитетите на истражувачките новинари, секогаш водејќи сметка да не ја помине црвената линија што ја гарантира нивната слобода и независност, министерот Поповски посебно се осврна на поддршката која Владата ја дава за вмрежувањето на истражувачките новинари во регионални, европски и глобални мрежи, како дел од настојувањата да се истражуваат криминалните меѓународни мрежи за сите видови криминал, особено оној во кој се вмешани политички функционери.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Поповски ги повика сите медиумски работници да учествуваат во дебатите кои се однесуваат на потребите од регулации на одредени прашања за кои сметаат дека е потребно, како и да се изјаснуваат јавно при донесувањето на законите кои ја регулираат оваа сфера.

Во вториот дел од дебатата посветена на прашањето на „Отворени податоци: Придонесуваат ли базите на податоци кон подобрување на истражувачкото новинарство?“, заедно со новинари и претставници на граѓанските организации, свој осврт за можноста за користење податоци на новинарите во нивните истражувања даде министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.