На својата редовна 117-та седница Владата на Република Македонија, меѓу другото, ќе донесе одлука во врска со Програма за работа и Финансиски план на Агенција за енергетика на Република Македонија за 2019 година.
На предлог на Агенција за млади и спорт, на оваа седница ќе биде разгледана и Предлог-програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2019 година, како и Информацијата за можноста за обезбедување на техничка помош од Владата на СР Германија за проценка и утврдување на потребите за реконструкција на студентските домови во Република Македонија, која на оваа седница на Владата ќе ја презентира Министерството за финансии.
На денешната седница на владата ќе биде разгледана и Информација во врска со измена на Законот за трговските друштва заради доусогласување со најновото законодавство на Европската унија за прекугранично спојување со друштвата со ограничена одговорност согласно Препораката од Извештајот на Европската Комисија за Напредокот на Република Македонија од 2018 година.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на РМ ќе се произнесе и по Информацијата за проект за „Изработка на проектна документација за велосипедски патеки во одбрани градови во Македонија“.
Министерството за внатрешни работи на оваа седница предлага Владата на РМ да поведе постапка за водење преговори за склучување на Договор меѓу Владата на Сојузна Република Германија и Македонската Влада за соработка во борбата против криминалот.
На денешната седница, владата ќе ги разгледа Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за трансплантација во Република Македонија за 2019 година, како и Информацијата за започнување постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба на катни-монтажни гаражи во комплекс Клиники Мајка Тереза Скопје.
На предлог на Министерството за образование и наука, на оваа седница ќе биде презентирана и Информација со Меморандум за разбирање помеѓу Британскиот совет и Министерството за образование и наука на Република Македонија (за Програмата „Училишта на 21 век во Западен Балкан“), како и Информацијата за прогресот и реализацијата на проектот - Подобрување на квалитетот на податоците во системите на државните институции на предлог на Министерство за информатичко општество и администрација.
Канцеларија на претседателот на Владата на Република Македонија за оваа седница ја предлага точката Информација со Годишен извештај за работата на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост за 2018 година.
Денешната, 117-та седница на Владата на РМ, на која ќе се најдат и повеќе други точки од Програмата за работа за 2019 година и од интерес на граѓаните, се очекува да започне во 12:00 часот.