Од 117-тата седница на Владата на РМ: План за извршување на обврските од Договорот од Преспа; Стартува 17-тата странска инвестиција; Усвоена Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој; Нов закон за прекин на бременоста

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 117-та седница, на која, согласно одредбите од Законот за употреба на јазиците, членовите на Владата припадници на албанската заедница, како заедница од повеќе од 20 отсто граѓани на нашата земја, зборуваа на својот мајчин јазик.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев истакна дека примената на Законот за употреба на јазиците на седниците на Владата, извршната власт, освен што го овозможува законското право, истовремено дава пример дека употребата на јазиците на заедниците, таму каде што тоа го регулира законот е и цивилизациско право и потврда дека нашата земја не само декларативно, туку и практично ги овозможува правата на сите заедници.

Меѓу првите точки на денешната седница, Владата ја разгледа Информација за извршување на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, односно Договорот од Преспа.

Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот Договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила 7 дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.

Согласно овие заклучоци, надлежните министерства, државни органи и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата во предвидениот рок по стапувањето на сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите.

За истата таа постапка, соодветни препораки ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, додека пак, секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани.

Една од одлуките за оваа точка е и обврската да државните органи да формираат работни групи за утврдување на натамошните мерки и активности за извршување на одредбите на Договорот од Преспа, а Генералниот секретаријат на Владата на РМ доби задолжение да формира Меѓуресорска група која ќе треба да изработи сеопфатен Национален акциски план за понатамошните мерки и активности за извршување на обврските на Република Македонија кои произлегуваат од договорот со Грција.

Како дополнување на оваа точка, на седницата беше предложено и прифатено овие обврски за извршување на одредбите од Преспа да се усогласат и со Законот за употреба на јазиците.

На денешната седница министрите ја разгледаа и ја усвоија Законодавната агенда на Владата на Република Македонија, за период од јануари до јуни оваа година, утврдена согласно Програмата за работа на Владата на Република Македонија за 2019 година и донесе одлука законските приоритети да бидат доставени до Собранието на Република Македонија.

На оваа своја седница, на предлог на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Владата донесе одлука за давање на согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за трговија и услуги Малхотра Кејблс Европа Лимитед ДООЕЛ Скопје, како најнова, 17-та странска инвестиција од почетокот на работата на актуелниот состав на Владата на Република Македонија.

На денешната седница Владата го разгледа Предлог - законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, за олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан со поддршка за дизајнирање, развивање и спроведување на Национално едношалтерско решение, модернизација на царината и другите институции кои учествуваат во управувањето со границите, за да се подобри нивната меѓуинституционална координација и да се намали времето потребно за чекање на стоките. 
Со средствата од овој заем ќе се обезбеди и поддршка за развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридорот 10, како и поддршка преку Единицата за имплементација на проектот, која ќе функционира во рамки на Министерството за транспорт и врски.

На предлог на Министерството за земјоделство, Владата денеска ја усвои Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година, со цел да бидат остварени политиките за рурален развој, кои се насочени кон поддршка на инвестиции во земјоделскиот сектор, во водостопанството и јавната инфраструктура и подобрување на животот во руралните средини; обезбедување на стабилно производство на квалитетна храна; зголемување на конкурентната способност на земјоделството; обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство и други мерки за земјоделската дејност и за одржлив развој на руралните подрачја.

Министерството за здравство предложи, а Владата денеска го разгледа и усвои Предлог - законот за прекинување на бременоста. Со новиот Предлог-закон жените веќе нема да имаат потреба да чекаат три дена по советувањето за да биде спроведена интервенцијата, нема да бидат принудени да објаснуваат зошто сакаат да ја прекинат бременоста и никој друг нема да решава за прекинот на бременоста. Правото на жената за прекинување на бременоста е само нејзин избор. Со измените на Предлог-законот, се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на постојните административни процедури-бариери кои го одолговлекуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста. Новиот Закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена. Пред зафатот за прекин на бременоста лекарот е должен да ја информира жената за постапката за прекинување на бременост, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената, за да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност. Овој закон и дава право на жената соодветно да одлучи за прекинување на бременоста до 22 гестациска недела, а не како до сега до 12 недела.

На оваа своја седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за можноста за обезбедување на техничка помош од Владата на СР Германија за проценка и утврдување на потребите за реконструкција на студентските домови во Република Македонија и го задолжи Министерството за образование и наука веднаш да пристапи кон подготовка на ранг листа на студентски домови во Република Македонија по приоритет за инвестирање.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за проектот за „Изработка на проектна документација за велосипедски патеки во одбрани градови во Македонија“, како конкретна мерка во областа на зелен и урбан транспорт и го задолжи Министерството за транспорт и врски во рок од 3 дена да донесе план за изменување на планот за набавки 2014-2020 за проекти кои се финансираат преку ИПА 2 инструментот на Европската Унија за операционализација на овој проект кој првично ќе ги опфати градовите Скопје, Тетово, Штип и Охрид.

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Предлогoт за поведување постапка за водење преговори за склучување на Договор меѓу Владата на Сојузна Република Германија и Владата на Република Македонија за соработка во борбата против криминалот.

Владата денеска го задолжи Министерството за култура да спроведе постапка за пренамена на Објектот со скулптурална композиција (споменикот на Мајка Тереза) согласно со предвидените можни намени во урбанистичката планска документација за предвидената парцела и да распише јавен конкурс за идејно решение за пренамена на објектот и за резултатите од спроведените активности да ја информира Владата на Република Македонија, во рок од 5 месеци.