118-та седница на Владата на Република Македонија

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 118-та седница со повеќе точки на дневен ред од Програмата за работа на Владата на РМ за 2019 и од интерес на граѓаните.

На денешната седница владата ќе ја разгледа информацијата за Годишна програма за работа со Финансиски план за 2019 година на Фондот за иновации и технолошки развој.

На предлог на Министерството за финансии за денешната седница се предвидени и точките Предлог-закон за вршење на сметководствени работи, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ревизија, и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг.

Министрите во Владата на РМ на денешната седница ќе го разгледаат и Предлог-законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, како и Предлог-програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година.

Министерството за економија за оваа седница, меѓу другите, ги предложи на разгледување и одобрување Предлог-уредбата за мерките за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и Предлог-програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2019 година.

Од ова министерство за денешната седница на Владата се предлага и точката Информација за предлог модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Република Македонија.

На оваа своја 118-та седница, Владата на РМ ќе ја разгледа и Информацијата за потреба од донесување на Национална програма за железничка инфраструктура за период од 2019 до 2021 година.

На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање за денешната седница ќе биде разгледан Предлогот за покренување на постапка за ратификација на Амандманот од Доха кон Протоколот од Кјото на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени.

Генералниот секретаријат на Владата на РМ на денешната седница ќе ја презентира Информацијата за започнување постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство преку формирање на современа модерна организација-платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем на Република Македонија (HEMOS) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (SAR).

Министерството за одбрана на дневен ред ја стави точката Информација за потребата од потпишување на Договор за користење на софтвер за воздушно набљудување (MASE) меѓу Република Македонија и Агенцијата на НАТО за комуникации и информации.

Министерството за труд и социјална политика ќе ја презентира Предлог-програмата за дополнување на Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2019 година.

На денешната седница на Владата ќе се разгледа и Предлог-одлуката за формирање на Меѓуресорска работна група за извршување на Конечната спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција.

Календар Влада: 
Tuesday, February 5, 2019 - 09:45