Премиерот Заев со Координативното тело на граѓански здруженија за животна средина: Обезбедуваме средства и правиме напори за подобра животната средина, отворени сме за соработка и заеднички решенија со граѓанскиот сектор

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска се сретна со членови на Координативното тело на граѓански здруженија за животна средина во земјата, кои заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање соработуваат за заштита и подобрување на состојбите во овој сектор.

На средбата, премиерот Заев изрази подготвеност и волја за продолжување на заложбата на Владата за соработката со граѓанскиот сектор во насока на размена на идеи и ставови при операционализација на политиките за различните области од животната средина.

Претставниците на Координативното тело, на состанокот претставија дел од своите сугестии кои се однесуваат на различни сектори од животната средина, водата, обновливите извори, квалитет на воздухот, отпадот како и ставови за подобрување на законската регулатива, во согласност со ЕУ регулативите.

Истовремено, тие се заблагодарија за изразената кооперативност од страна на премиерот да ги слушне сите нивни барања, поздравувајќи ја стратешката определба на Владата за преземање мерки и активности за решавање на аерозагадувањето.

На работниот состанок беше договорено, претставниците на Координативното тело на граѓански здруженија за животна средина до премиерот Заев и заменик-министерот Макрадули да испратат писмо во кое ќе ги сублимираат сите конкретни иницијативи кои се однесуваат на секторот заштита на животната средина.