Од 119-та седница на Владата на Република Македонија: Лозарите ќе ги добијат своите пари; Зголемување на платата за 5% на вработените на Медицинскиот факултет; Назначени конзули на РМ во неколку земји; Усвоен Предлог-закон за класифицирани информации

Владата на редовната 119-та седница донесе Предлог-одлука за утврдување на дополнителна помош, како мерка за исплата за продадено винско грозје. Дополнителната помош ќе им се исплаќа на лозарите коишто го продале своето грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година, а коешто досега не им е платено од страна на откупувачите. Висината на дополнителната помош се утврдува според сортата на продаденото грозје, а којашто не е повисока од просечната цена за откуп на килограм винско грозје, во периодот од 2014 година до 2016 година.

Врз основа на евиденцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и врз основа на анализите на терен на Државниот инспекторат за земјоделство, утврдено е дека голем дел од производителите на винско грозје го немаат наплатено продадено грозје во текот на 2014, 2015 и 2016 година. За таа цел, но и за им се помогне на производителите на винско грозје пред претстојната сезона, со одлуката се предлага да се исплати продаденото и ненаплатено винско грозје од страна на државата.

Во насока на реализација на оваа дополнителната помош, Владата вчера ја прифати и Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019-та година. Во неа, се врши изменување на вкупниот износ на средства во програмата предвидени за растително производство и се додава нова мерка како Дополнителна помош за продадено-неплатено винско грозје.

На вчерашната седница, Владата ја усвои информацијата за давање согласност за покачување на платите на вработените на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Притоа Владата ги задолжи стручните служби на Медицинскиот факултет да направат пресметка и да извршат исплата на платите на сите вработени со полно работно време на Медицинскиот факултет во Скопје, повисока за 5% почнувајќи од јануари 2019-та година.

Министрите на 119-та седница ја разгледаа и ја усвоија информацијата за изготвување на Предлог-модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Република Македонија, со Предлог-одлука. Истовремено, Владата донесе одлука за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Македонија. Исто така, Владата ги задолжи министерствата за животна средина и просторно планирање и за транспорт и врски, кабинетите на Претседателот на Владата и на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за координација на економските ресори, понатаму Регулаторната комисија за енергетика и АД МЕР Скопје, во рок од три дена до Министерството за економија да достават номинации за член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Македонија. Потоа министерството за економија е задолжено до Владата да достави предлог решение за формирање на Комисија за спроведување на оваа постапка. Паралелно на ова, продолжува започната активност преку Европската Банка за обнова и развој за изградба на гасоводната мрежа.

На вчерашната седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за судскиот предмет 19П4-939/18, во јавноста почнат како случај „Сопот“ и можноста за спогодбено решавање и исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда, доставен до Државното правобранителство. Притоа Владата даде согласност и го задолжи Државното правобранителство на Република Македонија да склучи судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој случај, по тужба на тужителите, сите од село Сопот, Куманово, за исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот. Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет.

Министрите на седницата ја прифатија Предлог-одлуката за доделување на средства на Државниот студентски дом „Доне Божинов“, во Пробиштип. Студентскиот дом ќе добие околу 210 илјади денари, за подмирување на трошоците за тековно работење, односно режиски трошоци за потрошена електрична енергија и вода, а коишто не можеле да се предвидат и планираат во буџетот на институцијата.

Владата на 119-та седница го донесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински прашања. Со измените се пропишува законска обврска за приложување на фискалната сметка кон сметката која се сторнира. Ваквата обврска досега беше уредена со подзаконски акт и истата не секогаш беше почитувана од даночните обврзници поради што се предлага дополнување на законот со ваква одредба, како и глоба за санкционирање на непочитувањето на пропишаната обврска.

На предлог на Министерството за одбрана, Владата го усвои Предлог-законот за класифицирани податоци. Со него се уредува системот за заштита на класифицирани информации во Република Македонија, при што се става акцент на класифицирањето на информациите, определувањето на степените на класификација, критериумите, мерките и активностите за заштита на класифицираните информации, размената на класифицираните информации со странски држави и меѓународни организации, постапките за издавање и времетраењето на безбедносните сертификати, органите за заштита на класифицирани информации, плановите и програмите за работење на Дирекцијата, вршењето надзор, прекршочните и казнените одредби при неовластено откривање на класифицирани информации.