Премиерот Заев предводи владина делегација на годинешната Минхенска конференција за безбедност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, ја предводи делегацијата на нашата држава на годинешната Минхенска конференција за безбедност која започнува денеска и ќе трае до недела, 17 февруари.
 
Премиерот Заев, и членовите на делегацијата што ја сочинуваат заменик претседателката во Владата на РСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија Џевад Адеми, и член на собраниската комисија за одбрана, за време на тридневната работа на конференцијата, ќе учествуваат на повеќе настани во рамките на конференциската агенда, како и на повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
 
На ова 55 издание на Минхенската конференција за безбедност, на која учествуваат многубројни претседатели на држави, шефови на влади и министри, како и највисоки претставници на најзначајните меѓународните организации за безбедносни прашања, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ќе оствари билатерална средба со премиерката на Кралството Норвешка Ерна Солберг, која ќе ја придружува министерката за надворешни работи Ине Ериксен Сореиде.
 
Како дел од своите активности на  Минхенската конференција за безбедност, премиерот Заев ќе се сретне со Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, како и со премиерот на Косово Рамуш Харадинај.
 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во Минхен ќе оствари средба со сенаторот Џејмс Риш, претседавач на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, како и со поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден.
 
Посебно внимание на годинешната Минхенска конференција за безбедност е издвоено за заедничката дискусија за Република Северна Македонија и Република Грција на која како главни панелисти се предвидени премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
 
Оваа панел дискусија на Минхенската конференција за безбедност традиционално им е посветена на добитниците на главната награда на конференцијата „Евалд Фон Клајст“, која оваа година свечено ќе им биде врачена на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на посебната церемонијална вечера чиј домаќин е премиерот на Федералната држава Баварија Флориан Херман.

Календар Влада: 
Friday, February 15, 2019 (All day) to Sunday, February 17, 2019 (All day)