Во рамките на официјалната посета на Кралството Данска, министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, денеска оствари средба со Заменик-шефот на Одделот за европско соседство во министерството за надворешни работи на Данска, Алан Пег Кристенсен
На средбата, Министерот Адеми ја истакна одличната билатерална соработка помеѓу двете земји, која се карактеризира со пријателство и разбирање, и го запозна својот соговорник со последните постигнувања на Владата на РМ за изградба на праведно и инклузивно општество, засновано врз владеењето на правото и демократските вредности. Посебно се осврна на надворешно политичките приоритети, споделувајќи ја нашата посветеност и решителност за постигнување на решавачки исчекор во процесот на НАТО и ЕУ интеграција, преку финализирање и затворање на процесот за спроведување на Конечната спогодба со Грција.
Адеми во едно информираше дека со потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, веќе и заокруживме еден значаен дел од пристапниот процес, при што следува процес на ратификација на Пристапниот протокол во националните Парламенти на земјите членки на НАТО, оттука Адеми изрази очекувањето дека набргу ќе следи и ратификација на протоколот во Данското Собрание.
Алан Пег Кристенсен, ги реафирмираше добрите билатерални односи помеѓу двете земји, и упати честитки до владата на РСМ за храбриот исчекор во решавање на долгогодишниот спор, тој истакна дека веќе евроатлантскиот пат за РСМ е отворен и дополнително укажа на потребата за спроведување на потребните реформи кои се битен чекор кон членството во ЕУ. Воедно, Алан Пег Кристенсен го информираше министерот Адеми дека Данската Влада утре ќе го поднесе предлогот за ратификација на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО до Данското собрание, и дека процесот за ратификација на истиот ќе почне од 1 март.
На средбата, министерот Адеми ги информираше соговорниците и за нашата дијаспора која живее во Данска, потенцирајќи дека истата претежно е добро интегрирана, но очекува дека во соработка и со данските институции, ангажирањето и инволвирање на нашата дијаспора во политичките, економските, културните и образовните процеси во Данска ќе се зголеми.
Посетата на министерот Адеми во Данска, продолжува денес попладне со средба со бизнисмени од редовите на нашата дијаспора во Данска, при што ќе ги презентира и последните услови за финансиската помош што Владата на РСМ ја нуди за нашата дијаспора, а завршува утре со средбата на министерот со Данскиот министер за имиграција, интеграција и домување, г-ѓа Ингер Стојберг.