Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со тим лидерката на проектот „Импала“, Весна Кузмановиќ, проект кој беше финансиски поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој.
На средбата се разговараше за важноста на поддршката што државата ја пружа за развој на иновациите и претприемничкиот дух како основа која понатаму ќе придонесува значајно за развој на економијата и можностите за отворање на нови добро платени работни места.
„Драго ми е што во Република Северна Македонија развивме систем на препознавање и поддршка на иновативноста, креативноста и претприемничкиот дух, со кој проектите базирани на иновации добиваат шанса да се развиваат понатаму. За нас успешноста на реализација на вашиот иновативен проект претставува гордост на сите граѓани и целата држава и продолжуваме силно да ги поддржуваме иновативните проекти“, рече премиерот Заев.
Тим лидерката на проектот „Импала“ кој доби финансиска поддршка од Планот за економски раст преку Фондот за технолошки развој и иновации го презентираше концептот кој се базира на најновите научни достигнувања од областа на економската психологија, неврологија и маркетинг преточени во нови технолошки ИКТ решенија и потенцираше дека помошта и поддршката од државата се од исклучителна важност за да се мотивираат и другите млади луѓе со идеи да се вклучат во процесот на развој на иновативни проекти и нови креативни решенија.
„Со финансиската поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој успеавме да развиеме апликација која сега е потполно функционална и веќе ја користиме за тестирање на различни маркетиншки алатки. Повратните информации од клиентите се крајно позитивни и тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат. Покажавме кредибилитет и кај WIF во чија акцелераторска програма влеговме и сме пример дека во Северна Македонија има потенцијал за развој на стар тапите и тоа и во сферата на ИКТ. Тие пројавија интерес и за влез на македонскиот пазар како дополнителен извор на финансирање“, информираше Кузмановиќ.