Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев во посета на Еуроникел индустри: Комбинатот Еуроникел повторно е успешна приказна со стотина милиони евра нови инвестиции и среќни работници и претставува пример за успешно завршена стечајна постапка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска беа во посета на Еуроникел индустри поранешно Фени Индустри, направија обиколка во производствените погони, и се задржаа во разговор со работниците и менаџментот и дадоа кратки изјави за медиумите.

„Денеска заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев сме во посета на Еуроникел индустри поранешно Фени индустри, нашиот познат комбинат за производство и извоз на фероникел во кој беше завршена најуспешната стечајна постапка во историјата на нашата држава. Еуроникел индустри денеска е повторно една успешна приказна и го задржува приматот што го имаше долги години наназад, како најголем извозник на фероникел од Северна Македонија и двигател на македонската економија“, изјави премиерот Заев.

Премиерот Заев дополни дека кризите и наследените проблеми во комбинатот се надминати и дека вработените се задоволни и среќни, добиваат плата којашто ја надминува просечната нето плата, долговите се исплаќаат, се отвораат нови работни места и компанијата продолжува да извезува на странските пазари и да влегува во нови инвестициски процеси.

„Владата на Република Северна Македонија будно го следеше процесот на стечајната постапка од причини што овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Фени, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е на еден начин мотор на економскиот развој. За жал несовесното менаџирање, толерирано од институциите тогаш ја доведоа егзистенцијата на овие семејства под знак прашалник. Но денеска сум среќен затоа што - заштитени се работниците и нивните работни места и продолжува со работа комбинатот“ нагласи премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев го изрази своето задоволство при посетата на компанијата Еуроникел и потенцираше дека вистинска среќа претставува моментот да се види фабрика, која беше во опасност да се претвори во старо железо, да работи со успех и да се види среќата кај работниците. Тој истакна дека со рестартирањето на Еуроникел се стави крај на голготатата под која беа изложени сите вработени и компаниите кои соработуваа со Фени, при што потенцираше дека ова е најсветол пример за успешен стечај и гордост за сите институции на системот на државата.

„Еуроникел не е само статистичка бројка во Бруто домашниот производ. Тоа е судбина на целиот регион и сите вработени, задоволен сум што ја гледам среќата на лицата на вработените. Моето задоволство е уште поголемо, бидејќи преку разговори со менаџментот дознавме дека тие имаат план да инвестираат дополнителни 10-тина милиони евра во пуштање на нова печка, што значи дополнително производство, попозитивни резултати и нови вработувања. За оние кои покажаа сомнеж каде се 624-те милиони евра директни странски директни инвестиции во 2018 година, ова е најдоброто место од кое можеме да го дадеме одговорот. Околу 100 милиони евра се во овој комбинат, исплатени се сите доверители, долговите на компанијата и донесен е оперативен капитал во фабриката. Со гордост можеме да кажеме дека ја движиме македонската економија во вистинска насока, дека не правиме стиропор економија, туку реална економија на реални вредности и бројки“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

„Денеска сме привилегирани да го пречекаме премиерот и владините претставници. Нашата групација е горда што ја реализира една од најголемите странски директни инвестиции во земјата, отворајќи пат за фабриката да излезе од стечај под сопственост и името на Еуроникел. Сега сме фокусирани да обезбедиме раст на компанијата и економијата на земјата да напредува преку зголемената трговија со земјите во Европа и пошироко. Додека ги имплементираме нашите инвестициски планови, ќе ги споделуваме вестите за тековните случувања во врска со подобрувањата во производството, можностите за вработување и позитивните ефекти што ќе ги носи Еуроникел во заедницата“, изјави директорот на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ Маркос Камхис.

„Задоволство ми е да објавам во оваа прилика, дека инвестицијата во реновирањето и рестартирањето на втората печка е веќе во тек. Ова е инвестиција од минимум 10 милиони евра, што ќе го доведе Еуроникел Индустри на врвот на фероникел производители во Европа. Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни бидејќи ќе го зголемат производството и извозот, што исто така се претвора во прилив на девизи, нови работни места, поголеми можности за домашните добавувачи и изведувачи и секако, директно ќе влијае на растот на БДП на земјата. Ние сме среќни што денес во просториите на Еуроникел сме домаќини на највисоките владини претставници на Република Северна Македонија и испраќаме порака дека нашата земја е атрактивна инвестициска дестинација“, изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри.


Во продолжение на ова соопштение во целост ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев.

„Денеска заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев сме во посета на Еуроникел индустри поранешно Фени индустри, нашиот познат комбинат за производство и извоз на фероникел во кој беше завршена најуспешната стечајна постапка во историјата на нашата држава.

Еуроникел индустри денеска е повторно една успешна приказна и го задржува приматот што го имаше долги години наназад, како најголем извозник на фероникел од Северна Македонија и двигател на македонската економија.

Можеме слободно да констатираме дека се надминати сите кризи и затекнати проблеми и повеќе не постои ризик од банкрот со кој се соочуваше компанијата.

Вработените се задоволни и среќни, добиваат плата којашто ја надминува просечната нето плата, долговите се исплаќаат, се отвораат нови работни места и компанијата продолжува да извезува на странските пазари и да влегува во нови инвестициски процеси.

Еуроникел индустри во моментов има 1000 вработени и соработува со 200 локални компании. Швајцарската глобална компанија ЏИСОЛ, којашто е новиот сопственик изминатата година има вложено 90 милиони евра во Комбинатот. Овие бројки доволно говорат за тоа колкаво е големо значењето и импактот што овој комбинат го има за развојот на економијата.

Владата на Република Северна Македонија будно го следеше процесот на стечајната постапка од причини што овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Фени, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е на еден начин мотор на економскиот развој. За жал несовесното менаџирање, толерирано од институциите тогаш ја доведоа егзистенцијата на овие семејства под знак прашалник. Но денеска сум среќен затоа што - заштитени се работниците и нивните работни места и продолжува со работа комбинатот.

Затоа е исклучително важно да функционира правната држава и владеењето на правото.

Тоа е првата работа којашто ја очекуваат инвеститорите и бизнис заедницата. Остануваме посветени на спроведување на реформи во правосудството како врвен приоритет на нашата агенда.

Денеска ќе разговараме и со менаџментот на компанијата за да се запознаеме одблиску со актуелните прашања и состојби во компанијата.“