Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев од Кавадарци: Мерките за подобрување на финансиската моќ на граѓаните носат резултати, економијата расте со забрзана динамика

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска, заедно со заинтересирани граѓани учествуваа во отворена дебата на трибината „Силна економија - шанса за сите“ во Кавадарци.

На трибината, која е дел од серијата отворените интерактивни дебати, присутните граѓани имаа можност да дискутираат за економските политики и перспективите кои се отвораат за економски развој со членството во НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија. 

 

 

Премиерот Заев задржувајќи се на главната цел на работата на Владата да се носат мерки кои ќе ја подобрат економската стабилност на семејствата и да се изгради стабилно општество кое ќе обезбедува стабилен и еднаков живот за сите, истакна дека се создадени услови за враќање на парите кај граѓаните по многу основи. Тука, ги спомена: исплатата на повисоки плати, социјалната реформа за извлекување од сиромаштија на граѓаните во социјален ризик, нивно вработување, како и решавање на статусот на стечајните работници. 

„Годишно остануваат 11 милиони и 400 илјади евра кај граѓаните само од воведувањето на евтината тарифа. Околу 12 милиони евра е намален трошокот на сите граѓани на нашата земја само од укинување на радио-дифузната такса“, порача премиерот Заев набројувајќи ги намалените катастарски трошоци, нотарските трошоци и намалените казни како дел од воведените механизми на Владата за подобрување на економската моќ на граѓаните.

Во оваа насока се и мерките кои Владата ги презема за подобрување на статусот на земјоделците и лозарите, оцени премиерот Заев.

 „Сто четириесет милиони евра даваме на над 10.000 земјоделски семејства за субвенции и ќе продолжиме да ги даваме. Владата е најсреќна кога ќе треба да донесе одлука на правен, на легален начин да им помогне на земјоделците. Сите знаеме дека овде не смееме да застанеме. Мораме да направиме дополнителен притисок да има постабилни цени на продажбата, на винското грозје, но и на трпезното грозје. Мораме да ги следиме современите трендови ќе продолжиме со зголемување на субвенциите за да можеме да ги мотивираме земјоделците да продолжат да ги обработуваат нивите и да ги одржуваат традиционалните наши економски дејности“, рече премиерот Заев. Тој порача дека оваа година земјоделците, прв пат ќе имаат право на повраток на персонален данок, што ќе значи повеќе од пет милиони евра дополнителни средства вратени на сите земјоделци кои што не надминуваат вкупен приход од еден милион денари. 

Во своето обраќање премиерот Заев, ги истакна и мерките кои преку Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика се преземаат како директни субвенции од 10 илјади евра неповратна помош за младите луѓе кои самите основаат фирми со што автоматски се добива право фирмата да конкурира со проектот во Фондот за иновации и технолошки развој каде што може да се добие до 70 проценти од средствата на инвестицијата. 

„За некој месец стартуваме со проектот ваучери за спортски клубови, каде што секој спортски клуб ќе добие ваучери кои што се директно пари во вкупна вредност на ниво на држава, плус шест милиони евра за спортот“, рече премиерот Заев, потенцирајќи дека државата презема мерки и за подобрување на инфраструктурата, локалните патишта, спортските објекти.

Вицепремиерот Анѓушев во своето излагање говореше за нивото на странските инвестиции минатата година кој со достигнати 624,5 милиони евра, што е за 267 проценти повеќе, во однос на просекот на странските инвестиции во периодот од 2010-2017 година. 

„Индустрискиот раст во јануари од 2019 година од над 12 проценти дава оптимизам дека економијата ќе расте со побрза динамика годинава. Растот на нето платите е забележителен и изнесува над 6 проценти, а реално е дека платите ќе растат, поради притисокот на пазарот на трудот“, оцени вицепремиерот Анѓушев, кој додаде дека со отворањето на нови фабрики, ќе се отвораат нови подобро платени работни места. 

На трибината „Силна економија - шанса за сите“ во Кавадарци, присутните граѓани дискутираа и поставија повеќе прашања кои се однесуваа на економската состојба во државата и регионот.