Во Домот на културата во Валандово денеска се одржа настан во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Северна Македонија на кој министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и претставникот на компанијата изведувач на проектот Штрабаг, Златан Ѓурѓиќ го потпишаа договорот за градежните работи за проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар од втора фаза. На настанот присуствуваа и имаа свои обраќања Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Со потпишувањето на овој договор започнува со реализација важен проект кој претставува значајна капитална инвестиција за воведување модерни системи за водоснабдување во земјоделството во вредност од 24.3 милиони евра од кој дел се буџетски пари, а дел се кредит и грант од германската развојна банка KfW.
„Со потпишувањето на договорот за овој важен проект „Програма за наводнување на јужна Вардарска долина втора фаза“, ги зголемуваме капиталните инвестиции во земјоделството, создаваме модерни системи за наводнување, што крајно ќе придонесат за намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе придонесат за создавање на модерно и европско земјоделство“, рече премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека водата е наше природно национално богатство кое има приоритетно значење за сите.
Премиерот Заев посочи дека заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интензивно интензивно се работи на реконструкција и изградба на современи системи за наводнување.
„Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза е од витално значење за валандовскиот регион. Во моментов сегашниот систем обезбедува наводнување на околу 1.600 хектари, но поради неговата дотраеност, земјоделците трпат загуби во своето земјоделско производството. Најважно за земјоделците од реализацијата на овој проект, е дека со новиот систем се очекува драстично намалување на трошоците за вода. Со сегашната изградба на втората фаза ќе се обезбеди навремено и квалитетно наводнување на над 2.000 хектари земјоделска површина. Овој проект е вреден над 24,3 милиони евра. Станува збор за вредна инвестиција со која го подигнуваме земјоделство и го правиме конкурентно“, нагласи премиерот Заев.
Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Кочо Анѓушев, потенцираше дека реализацијата на овој проект ќе има гарантира на земјоделците од валандовскиот регион квалитетно и предвидливо земјоделско производство.
„Со овој проект придонесуваме еден од најбогатите региони за земјоделски производи да добие квалитетно наводнување и предвидливост во земјоделското производство. Ќе се зафаќа вода од Удово од реката Вардар, понатаму со главен цевковод од 8,9 километри ќе се носи до препумпни станици и ќе има дистрибутивна мрежа од 85 километри. Сето тоа гарантира дека во иднина сите луѓе и граѓани во РСМ кои планираат да се занимаваат со земјоделство, а ние се обидуваме да ги охрабриме да бидат во поголем број, ќе имаат еден систем кој што ќе им гарантира дека навремено ќе добијат вода која што е суштински важна сите земјоделски производи а посебно за раноградинарските култури кои што се исклучително запазени во овој регион, каде што овој систем за наводнување ќе биде инсталира“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека реализацијата е предвидено да трае 21 месеци, но се очекува да заврши и порано со оглед на тоа дека сите услови за инвестицијата се исполнети. Дополнително потенцираше дека со германската развојна банка „KfW“, веќе течат преговорите за нова поддршка за спроведување на трета фаза од проектот за јужно-вардарска долина, со кој ќе се наводнуваат дополнителни 1.700 хектари.
„Денешното потпишување на договорот со изведувачот на овој важен проект, дава силен придонес на нашата политика за модерно и конкурентно земјоделство. Без рехабилитација на системите за наводнување и без проширување на постоечката водоводна мрежа не можеме да зборуваме за модерно и конкурентно земјоделство. Овој проект се состои од главна и секундарна мрежа во вкупна должина од 85 километри, односно замена на главниот отворен канал во затворен гравитациски канал на пумпната станица Удово и пумпната станицата Страиште во должина од околу 9 километри и дополнителна секундарна терцијална и дистрибутивна мрежа“, изјави министерот Николовски.
Освен договорот со изведувачот на градежните работи денеска на настанот министерот Николовски ги потпиша и договорите за надзор на проектот со Градежниот институт Македонија и договорот за консултантски услуги со компанијата AHT Group AG.
Премиерот Заев за потпишувањето на договорот од програмата за наводнување на јужно-вардарска долина: Со новиот систем за наводнување за земјоделците од овој регион ќе се намалат трошоците за вода
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска во Валандово присуствуваа на настан на кој министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски го потпиша договорот со претставникот на компанијата изведувач Штрабаг, Златан Ѓурѓиќ за градежни работи за проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар од втора фаза.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.
„Со потпишувањето на договорот за овој важен проект „Програма за наводнување на јужна Вардарска долина втора фаза“, ги зголемуваме капиталните инвестиции во земјоделството, создаваме модерни системи за наводнување, што крајно ќе придонесат за намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе придонесат за создавање на модерно и европско земјоделство.
Водата како природно национално богатство е од приоритетно значење за секој од нас.
Без правилно управување со водните ресурси и без современи системи за наводнување, не можеме да зборуваме за развиено земјоделство. Затоа заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интензивно работиме на реконструкција и изградба на современи системи за наводнување.
Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза е од витално значење за валандовскиот регион. Во моментов сегашниот систем обезбедува наводнување на околу 1.600 хектари, но поради неговата дотраеност, земјоделците трпат загуби во своето земјоделско производството. Најважно за земјоделците од реализацијата на овој проект, е дека со новиот систем се очекува драстично намалување на трошоците за вода. Со сегашната изградба на втората фаза ќе се обезбеди навремено и квалитетно наводнување на над 2.000 хектари земјоделска површина.
Овој проект е вреден над 24,3 милиони евра. Станува збор за вредна инвестиција со која го подигнуваме земјоделство и го правиме конкурентно. Истовремено создаваме услови за порентабилно производство за земјоделците и за подобар живот на населението во целиот валандовски регион.
Преку ефикасно управување и инвестирање во водостопанската инфраструктура ќе овозможат доволни количини на квалитетна вода за наводнување на земјоделските површини.
Земјоделството е еден од носечките столбови за развој на вкупната економија. Овде во овој наша југоисточен регион живот значи. Затоа како Влада посветуваме посебно внимание на политиките кои ги спроведуваме за овој сектор, со посебен акцент на развојни мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка во нашата земја.
Сакам да ја искористам приликата да Ви посакам на сите успешно да ја завршите оваа крупна инвестиција, и секако голема благодарност до сите кои придонесоа во реализација на проектот, секторите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои работеа на овој проект, германската развојна банка „KfW“, изведувачот и секако општината Валандово. Посакувам успех и нека има огромен бериќет за земјоделците бидејќи со тоа ќе има бериќет и нашата земја.“