Тим од Пентагон во Министерството за одбрана на билатерални одбранбени консултации: Се планира соработка на повисоко, сојузничко ниво!

Република Северна Македонија и Соединетите Американски држави ги обновија билатералните одбранбени консултации по 4 години, кога последен пат во Вашингтон се одржал состанок на експертските тимови на Пентагон и Министерството за одбрана. Заменик - помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер, со експертски тим од Пентагон, денеска во Скопје одржуваат експертски консултации со тимови од Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија. Овој пат ќе се договара продлабочена соработка во одбраната која од партнерска, преминува во сојузничка.

На почетокот од работниот состанок, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги поздрави заменик помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, и тимот од Пентагон, и потенцираше дека зачестените состаноци, по средбите кои минатата недела ги имаше во САД, меѓу кои и средбата со Патрик Шанахан кој ја врши должноста секретар за одбрана на САД, покажуваат дека двете земји од партнери преминуваат во сојузници.

„Задоволни сме од напредокот на реформите во одбраната, а успешниот пат кон НАТО ни овозможи да се состанеме со Вашиот тим како земја чиј Протокол за пристапување во Алијансата е потпишан и веќе ратификуван од повеќе соседни земји. Продолжуваме со реформите во одбраната во чие спроведување имаме огромна поддршка од САД. Долгорочниот план за развој на одбраната е готов, очекуваме наскоро да биде усвоен од Владата и со тоа уште еднаш ќе ја потврдиме одлучноста за издвојување на 2 отсто од БДП за одбраната, а веќе од следната година ќе издвојуваме 20 отсто од одбранбениот буџет за модернизација на Армијата. Важно е што ја реиницираме билатералната соработка во одбраната сега, кога земјата преминува од партнер во член на Алијансата и има поголеми одговорности, во чие спроведување поддршката од САД ни е од огромно значење“, рече министерката.

Заменик - помошничката на секретарот за одбрана на САД Лора Купер рече дека напредокот во последните 16 месеци, е огромен. Во првиот момент, планот за реформи во одбраната и членството во НАТО изгледале преамбициозни, рече Купер. Стратегискиот одбранбен преглед и реформите во одбраната се веќе во фаза на имплементација, амбицијата за зачленување во НАТО се реализира, а Протоколот за пристапување веќе се ратификува во земјите членки - потенцираше Купер. Таа најави и скорешно потпишување на нов Договор за билатерална соработка во одбраната меѓу САД и Република Северна Македонија.

На почетокот на работниот дел од состанокот на тимовите на министерствата за одбрана од двете земји, високите гости ги поздравија и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, и државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ.

Еден од приоритетите за соработката во одбраната со САД за годинава е асистенција и поддршка за имплементацијата на Стратегискиот одбранбен преглед. Двете делегации ќе разменат информации за безбедносната ситуација во регионот, и ќе зборуваат за засилување на сите елементи на билатералната соработка, во одбранбеното планирање, трансформацијата на Министерството и Армијата на Република Северна Македонија, плановите за модернизација и опремување на Армијата, како и за можностите за поддршка од страна на САД во нови обуки, заеднички вежби и учество на припадниците на Армијата во НАТО операции.