Во однос на случаите на МРСА коишто се појавија во основно училиште во Бутел и во детска градинка во Чаир, портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција истакна дека апсолутно нема простор за паника.
Бошњаковски, меѓу другото, рече дека според информациите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, станува збор за бактерија од групата на стафилококни бактерии и според направените анализи од државниот санитарен и здравствен инспекторат и од резултатите од центарот за јавно здравје овој вид на МРСА, се лекува со антибиотска маст за нос.
Истовремено, како што истакна Бошњаковски, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се преземени сите неопходни мерки и во училиштето и во градинката. Исто така, додаде Бошњаковски дека е спроведена дезинфекција, механичко чистење на просториите и сите други мерки кои ги наложува протоколот при појава на каква било бактерија.
На денешната прес-конференција портпаролот Бошњаковски потенцираше дека нема потреба од затворање ниту на училиштето, ниту на градинката во двете скопски општини.
Инаку во училиштето во Бутел единствениот случај е пријавен на 22 февруари. Останатите земени брисеви од соучениците се негативни.
Во градинката во Чаир, пак, е утврдена бактеријата МРСА кај 3 деца, на возраст меѓу 5 и 6 години. Превентивно биле земени брисеви од 36 деца, 2 воспитувачки и една хигиеничарка. Сите брисеви се негативни.