Средба на МНР Никола Димитров со Николаос Вуцис, претседател на грчкиот Парламент

На првиот ден од својата работна посета на Атина, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со претседателот на Парламентот на Хеленската Република, Николаос Вуцис.

На средбата, соговорниците го изразија своето задоволство од завршувањето на внатрешните процедури во двете земји во контекст на ратификацијата на Договорот од Преспа и неговото стапување во сила, како и заложбите од двете страни за негово успешно имплементирање.

МНР Димитров истакна дека тоа е историски чекор и значајна демонстрација на заложбите за градење добрососедство, инклузивна соработка, конструктивни и позитивни односи.

МНР Димитров: „Мислам дека отворивме огромен потенцијал за односите меѓу двете земји и нема да застанам сè додека не го убедиме и последниот граѓанин - и во Грција и во Северна Македонија - дека ова беше вистинскиот потег, и дека нашите две нации се природни сојузници. Ние сме соседи, а не може да се гради пријателство со соседот без да се покаже почит и разбирање за другиот, и мислам дека ние сега почнуваме да го градиме нашето пријателство.”

Министерот Димитров ја потенцираше важноста и воедно се заблагодари што токму грчкиот Парламент беше првиот кој го ратификуваше Пристапниот протокол за членство во НАТО и додаде дека Република Северна Македонија очекува процесот да биде финализиран до крајот на оваа година. Тој се осврна и на напорите кои Владата на Северна Македонија ги прави за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ во јуни оваа година.

Претседателот на грчкиот Парламент, Николаос Вуцис, потенцираше дека Договорот од Преспа отвора пат за пријателство и партнерство меѓу двете земји. Изрази уверување дека грчката страна при имплементирањето на истиот ќе вложи напори за видливи резултати во сите аспекти на соработка. Тој истакна дека, во Парламентот каде се дискутираше и ратификуваше Договорот од Преспа, треба да се формираат Комисии на пријателство меѓу Грција и Република Северна Македонија, и да се даде поддршка на европскиот пат на нашата земја, во контекст на отпочнување на преговорите за ЕУ членство.

За време на посетата на Атина, министерот Димитров ќе се сретне и со грчкиот колега, МНР Катругалос, а во рамките на академската конференцијата „Грчката надворешна политика во 21 век“, организирана од поранешниот  министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, утре, МНР Димитров ќе се обрати на панелот „Трансформацијата во Југоисточниот Медитеран“.