Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчеравечер заедно со својата сопруга, Зорица Заева присуствуваше на Виенскиот бал, којшто традиционално секоја година се одржува во Скопје.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на Премиерот Заев.
„Дозволете ми да го искажам моето и задоволството на мојата сопруга што сме вечерва тука заедно со Вас
Поканата од амбасадорката Коблер да присуствувам на Виенскиот бал ја прифатив без двоумење поради неколку причини. Прво го покажува воспоставеното, искрено пријателство помеѓу Република Австрија и Република Северна Македонија. Понатаму, оваа манифестација, којашто е создадена како реплика на светски познатиот бал во Виена, Опера Бал годинава го одбележува својот 20-ти јубилеј. Но пред сѐ, ме мотивираше хуманиот карактер на манифестацијата.
Особено ме радува фактот што со дел од средствата собрани вечерва ќе биде обезбедена адаптирана спортска опрема за возење велосипед, а којашто потоа ќе му биде доделена на Здружението на лица со параплегија и квадриплегија, „Без ограничувања“.
Знам дека и лицата со попреченост можат да спортуваат. Јас лично познавам такви луѓе. Разликата е што ним им треба само поголема поддршка. Затоа јас лично би сакал да ви се заблагодарам на сите, бидејќи Вашето присуство овде вечерва ќе придонесе кон подобри можности за овие наши сограѓани“.