Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска, се сретна со делегација на германското Сојузно министерство за надворешни работи, составена од специјалниот претставник за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА-државите, амбасадорот Кристиан Хелбах, амбасадорот Томас Осовски, специјален претставник за ЕУ-политики и германскиот амбасадор во Скопје, Томас Герберих.
Премиерот Заев, изразувајќи благодарност за континуираната поддршка на Сојузна Република Германија за интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија и НАТО, ги истакна добрите билатерални односи меѓу двете земји, со взаемен интерес за унапредување на економската соработка.
„Со Договорот од Преспа покажавме дека преку вистински дијалог е можно решавање на меѓународните проблеми на Балканот. Имплементирањето на Договорот со Република Грција и поддршката која ја добиваме е силна мотивација за остварување на нашата цел, членството во НАТО и започнување на процесот на преговорите со Европската Унија“, истакна премиерот Заев.
На средбата, беше разговарано за придобивките од Преспанскиот договор со Грција и посветеноста на градењето на добри односи со сите соседи и е констатирано дека тоа е силна порака дека регионот на Балканот може да биде носител на мир, безбедност и стабилност.
Истовремено, беше повторена силната поддршка од Сојузна Република Германија за Република Северна Македонија и за посветеноста на Владата на конструктивните политики низ коишто се решаваат прашањата важни за државата и нејзините граѓани.
Беше констатирано, дека отворање на преговорите со Европската Унија, односно донесување позитивна одлука на Советот на министри на ЕУ во јуни, базирана на досегашните постигнувања и заслуги, ќе биде дополнителна мотивација за продолжување во таа насока и дополнително интензивирање на реформите, што како што беше заклучено, е важно за земјата и целиот Западен Балкан, пред сè од безбедносен аспект.