Владата најави овозможување на изградба на нови инвестиции во фотоволтаици. Што предвидува проектот?

Датум на поставено прашање: 
23.03.2019

Проектот предвидува преку 200 мегавати нови инвестиции во фотоволтаици или фотонапонска мрежа, на повеќе локации низ државата, ТЕЦ Осломеј полека ќе стане од загадувачки објект во еколошки објект, кој ќе произведува чиста електрична енергија. Ова се само првите 10 мегавати, за кои потпишуваме договор за финансирање секторот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД.

Владата на РСМ објави дека ќе ја поддржи изградбата на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 200 мегавати, чие производство на електрична енергија би било еквивалентно со потрошувачката на околу 150 илјади домаќинства. Сите инвеститори на фотонапонски електрани произведената електрична енергија ќе ја продаваат на слободен пазар, а од државата ќе бидат поддржани на принцип на премиум тарифи, кој веќе функционира во многу развиени држави. Премиумот ќе биде еден од критериумите на јавните повици, кои ќе бидат транспарентни, со електронски аукции и на принцип на негативно подавање. Секој кој ги задоволува техничките критериуми наведени во јавниот повик ќе биде во можност да учествува, со што очекуваме дека ќе отвориме широк фронт на инвестиции во енергетиката.

Државата ќе распише јавен повик и ќе ја дефинира почетната цена за премиум, а потоа инвеститорите ќе подаваат за висината на цената. Тој што ќе понуди најниска цена, а притоа ги исполнува сите технички услови, ќе добие можност да изгради фотонапонска централа на определена локација. Во првата фаза на јавен повик ќе бидат понудени 62 мегавати на инвеститорите кои ќе можат да се градат и на државно и на приватно земјиште. Кога станува збор за државно земјиште ќе се овозможи изградба на електрани со вкупна моќност од 35 мегавати. Двете локации се во близината на Македонски Брод со вкупна моќност од 10 мегавати (2 централи со по 5 мегавати) и во близина на Свети Николе со вкупна моќност од 25 мегавати (една централа од 10 мегавати, една од 5 мегавати, две централи од по 2 мегавати и шест електрани од по 1 мегават). Подготвуваме неколку локации за јавно-приватно партнерство за 200 мегавати, и давање под концесија за сите заинтересирани кои ќе сакаат приватно да инвестираат во ваквите енергетски обновливи извори на енергија.