Министерот Поповски на конференција на тема „Предизвиците на медиумската саморегулација во регионот на Балканот и Турција“: Колку повеќе саморегулација - толку помалку државна регулација

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска имаше обраќање на конференцијата на тема спорт „Предизвиците на медиумската саморегулација во регионот на Балканот и Турција“ во организација на Советот за етика во медиумите (СЕММ).

„Во насока на обезбедување на услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш ќе се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија” - истакна Поповски во своето обраќање.

Говорејќи за поддршка на слободата на изразување и создавање на услови за најдобри новинарски практики, министерот укажа дека Владата на Република Северна Македонија уште на една од своите први седници усвои изјава за изразување силна политичка волја, како и поддршка на Владата и на нејзините институции, за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, и за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација.

„Саморегулацијата на медиумите како принцип кој произлегол од самите медиуми и од професионалците во нив, има за цел да ги заштити основните интереси - слобода на изразувањето, а во исто време, да ја врати довербата на јавноста во однос на нивните медиумски содржини. Најчесто споменувано мото од застапниците на овој систем е: Колку повеќе саморегулација - толку помалку државна регулација” - истакна Поповски, додавајќи притоа дека со ова мото целосно се согласува и искрено верува во него.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност истакна дека реакциите и укажувањата на саморегулаторните тела мора да добијат на видливост во самите медиуми, да стекнат почит и вреднување во јавноста. Од таму треба да дојдат и иницијативите насочени кон борбата против лажните вести и дезинформациите, и за повторно воспоставување на кредибилитет на новинарите и на взаемната доверба меѓу медиумската заедница, публиката и општествените институции, додека властите во секоја држава имаат обврска да бидат целосно отворени и отчетни и своите политики да ги стават на увид на медиумите и јавноста.

На настанот свои обраќања имаа и амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Ваутер Пломп, Марина Тунева и Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).