Претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, остварија средба со претставници на околу 120 компании од пелагонискиот регион.
На средбата беа презентирани економските политики на Владата за поддршка на развојот на компаниите во Северна Македонија, реализацијата на инфраструктурните проекти во Пелагонискиот регион, како и планирани реформи во образовниот систем и реформите во политиката за прекршоци.
Премиерот Заев истакна дека пелагонискиот регион е особено важен за економијата на Република Македонија со оглед на фактот дека компаниите од овој регион прават 12% од Бруто домашниот производ во земјата.
Премиерот даде осврт на дел од позначајните инфраструктурни проекти за подобро поврзување на пелагонискиот регион со остататокот од земјата, но и со соседна Грција, во насока на обезбедување на посигурен, поефикасен и побрз транспорт на производи и за повисока конкурентност на регионот.
„Реализацијата на експресниот пат Градско-Дреново-Прилеп, оди според предвидената динамика. Се подготвува проектната документација за патот Прилеп-Битола, двата проекти се значајни за севкупниот развој на пелагонискиот регион. Разговаравме и за идејно решение преку Бабуна-Велес-Прилеп до граничниот премин Меџитлија, како и проектната документација за проекти кои започнуваат, обиколницата околу Битола и експресниот пат до Меџитлија кон Грција. Ја најавивме и програмата во вредност од 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта за проектот „Македонија без кал“, подвлече Премиерот Заев.
Зборувајќи пред стопанствениците премиерот рече дека во моментов во државата имаме рекордно ниска невработеност од 19,4%, а Владата ќе работи таа постојано да се намалува. Притоа тој се осврна и на структурата на невработените лица во државата при што посочи дека голем дел од невработените се со завршено основно или помалку од основно образование.
„Мора брзо да дејствуваме во насока на преквалификација на работната сила, за да може економскиот развој да продолжи во позитивна насока. Важно ни е младите луѓе лесно да можат да се вработат, односно да се отвори простор за сите невработени полесно да се вработат. Зборувавме за двата модалитети за имплементација на дуалното образование и бизнис секторот ни е многу важен партнер во овој процес. Државата преку агенцијата за вработување овозможува поддршка од 1,1 милијарда денари за поддршка на вработувања. Преку образовниот процес, согласно новите програми, учениците уште во прва година во средните стручни училишта да почнат со практична едукација во компаниите, а во втората, третата и четвртата година, таа практична работа во компаниите да се зголемува, на тој начин да се прилагодиме како општество на новите потреби на стопанството “, кажа Премиерот.
Во однос на казнената политика, премиерот нагласи дека Владата подготви нов Закон за прекршоци, усвоен од Владата и Собранието, но не и потпишан од Претседателот на државата, со кој значително се намалуваат казните за компаниите.
„Ако порано максималната казна беше 5000 евра при инспекција, со овој закон казните се намалени и до 60% и изнесуваат од 50 до 2000 евра. Тие сега се рамноправни, односно фер и праведни. Казните зависат од бројот на вработените, големината на компанијата, интензитетот на правење на прекршоци и пред првата казна постои опомена, а дури потоа ако се повторат прекршоците се преминува кон казнување“, нагласи Заев.
Вицепремиерот Анѓушев, покрај другото зборуваше за Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто е широко прифатен од бизнис заедницата и дава позитивни резултати. Истакна дека во минатата година, како резултат на Законот, но и другите комплементарни мерки се постигнати добри економски резултати, како што се рекордниот износ на странски директни инвестиции од 624 милиони евра, раст на индустриското производство, пораст на извозот и намалување на невработеноста.
Тој рече дека со поднесениот предлог за измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, се овозможува поширок опсег на компании кои може да аплицираат за државна поддршка и олеснување на постапките за аплицирање на компаниите.
„Растот на БДП од 3,7% во четвртиот квартал на 2018 година, односно растот од 2,7% на годишно ниво е резултат на работата на реалната економија и јас честитам на компаниите кои придонесоа со својата работа да се оствари овој резултат. Токму затоа го проширивме опфатот на компании кои може да аплицираат на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Сега трговските компании, кои реализираат производство стануваат корисници, исто така и компаниите од ИТ индустријата, како и компаниите од преработувачката индустрија од земјоделството да бидат корисници на Законот. Знаеме дека компаниите имаат проблем со наоѓање соодветни работници, односно надополнување на работници во ситуации кога тие самоволно си заминуваат, и затоа сега е олеснет еден од главните критериуми, кадешто се дозволува на компаниите и со намалување на вработени до 5%, да можат да аплицираат за државна поддршка “, објасни Анѓушев
Во врска со средбата со вработените во Еурокомпозит „11 октомври“, а по остварената средба со бизнис секторот од Пелагонискиот регион, во изјава за медиумите, Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со посветена и напорна работа, конечно е најдено решение за компанијата.
„Сите знаат дека проблемот со „Еурокомпозит“ е долготраен,овој проблем не настана во последните две години, „Еурокомпозит“ е со блокирана сметка веќе 7 години. Не беше лесен процесот да за компанија која има негативен капитал се најде инвеститор. Имаме две можни решенија. Едното е во рамките на тековните процеси, доколку некои проекти се реализираат „Еурокомпозит“ да биде саниран во постојниот формат. Доколку тоа не се случи во наредните 10-ина дена, второто решение е да се надмине проблемот слично како што се случи со Фени. Согласно Законот, доколку компанијата има блокирана сметка 45 дена, треба да влезе во стечај, а оваа компанија е со блокирана сметка 7 години, па преку стечај со реструктурирање и наоѓање на стратешки инвеститор да се надмине проблемот“, нагласи Анѓушев.
Министерот Сугарески на средбата со бизнисмените даде детален осврт на реализацијата на инфраструктурните проекти во регионот.
„Само во првиот инвестициски бран вложуваме преку 80 милиони евра за изградба и реконструкција на патиштата, но вложуваме и сериозни инвестиции за проектирање за изградба на нови автопатски и експресни решенија и поврзување со јужниот сосед. Често пати се зборува за брза врска низ Пелагонија, па сакам да спомнам што се работиме за ова да го реализираме. Имено тргнувајќи од Скопје па се до патарина на Градско е автопат кој на одредени делови во моментов го реконструираме. Понатаму од Градско до Прилеп веќе градиме експресен пат, кој верувам дека за година до две ќе биде комплетно готов. Потоа од Прилеп па до Битола оваа година ќе се распише тендер за изработка на проект за изградба на автопатско решение, ова е посебно барање на сите од овој регион. Од Битола до ГП Меџитлија веќе следната година започнуваме со рехабилитација на целата траса, инвестиција од околу 2 милиони евра, а во меѓувреме работиме на проект за изградба на нов експресен пат Битола-Меџитлија“, нагласи Сугарески.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, истакна дека во општина Прилеп спроведува постапка за воведување на секундарната гасификација на општината, формирано е јавно претпријатие „Енерго Прилеп“ за реализација на секундарната гасификација.
„Сите знаеме кои се придобивките од гасификацијата. Сите стопански субјекти и граѓаните добиваат поевтин енергенс и можност да се подигне конкурентноста на домашниот и странските пазари“, рече Јованоски.
Претседателката на Регионалната стопанска комора Ирена Јакимовска, кажа дека ова е втора заедничка работна средба на регионалните комори од Прилеп и Битола, на која се разгледуваа заклучоците донесени на претходниот состанок и се дискутираше за конкретни решенија во однос на заклучоците, за подобри услови за работа на сите правни субјекти од пелагонискиот регион.
„Едно од најважните прашања се можностите за надминување на едно од најгорливите прашања, а тоа е недостатокот на оперативна и квалификувана работна сила. Веќе имаме конкретни работни задачи, на кои треба да поработиме заедно сите компании, а кои се поддржани преку Владините мерки од Оперативниот план каде има околу 20 милиони евра, за преквалификација на потенцијална работна сила, а разговаравме и за увоз на работници од други земји, за поедноставување и олеснување на постапката за дозволи за престој и работа во земјата“, изјави Јакимовска, при што изрази благодарност до Владата за подготвеноста за дијалог со стопанствениците, за изнаоѓање најсоодветни решенија за економијата во државата.
Премиерот Заев и владината делегација од средбата со стопанствениците од коморите од Прилеп и Битола: Реализираме патна инфраструктура и гасовод за нов подем на бизнис перформансите за пелагонискиот регион
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во придружба на градоначалниците на Прилеп и Битола Илија Јованоски Наташа Петровска, веднаш после средбата со стопанствениците од Прилеп и Битола, членови на Стопанската комора на Пелагонискиот регион, ги информираа новинарите за најважните прашања од дебатата.
Премиерот Заев за медиумите истакна дека беше чест и задоволство да се оствари средбата со претставниците на бизнис заедницата на Пелагонискиот регион кои придонесуваат со 12 отсто од БДП-то на нашата држава, за да ги чујат проекциите за целите на економските политики за поддршка на нивните дејности, како и за други теми кои директно влијаат на подобрувањето на нивните бизнис перформанси.
„Ги информирав стопанствениците дека во септември ќе влеземе во завршницата и на гасоводниот крак до Битола. Во меѓувреме, ги анализираме можностите за субвенции или евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема.
Решавањето на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион ќе поттикне развој. Информирав дека реализацијата на експресниот пат Градско – Прилеп, преку Росоман и Дреново, оди според предвидената динамика. Веруваме дека ќе биде завршен до крајот на оваа година, како што е планирано“, нагласи премиерот Заев во изјавата за медиумите.
Дополнително тој им пренесе на претставниците на медиумите дека информирал дека оваа година ќе се заврши проектната документација за автопатот Прилеп – Битола, како и проектната документација за обиколницата околу Битола и експресниот пат до Меџитлија кон Грција, со што се отвораат перспективите за полесна комуникација со нашиот сосед со кој отвораме нови страници за економска соработка.
„Ги прифаќаме сугестиите за забрзување на имплементацијата на дуалното, стручно образование, кое ќе продуцира кадри неопходни за работата и на домашните и на странските компании. За ова имаме огромна поддршка од Сојузна Република Германија која ќе ни го понуди нивното искуство и ноу-хау за трајно решавање на ова прашање. Ги охрабрив стопанствениците уште поинтензивно да ги искористат можностите што ги нудат мерките од Планот за економски раст со кои ги стимулираме и помагаме компаниите да исплаќаат повисоки плати и и да вработуваат високо-квалификуван кадар“, потенцираше Претседателот на Владата на РСМ Заев во изјавата за медиумите после средбата со стопанствениците од Прилеп и Битола, членови на Стопанската комора на Пелагонискиот регион.
На прашање на Новинарите за исходот од средбата на владината делегација со вработените и менаџментот на „Еурокомпозит“, Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со посветена и напорна работа, конечно е најдено решение за компанијата.
„Сите знаат дека проблемот со „Еурокомпозит“ е долготраен,овој проблем не настана во последните две години, „Еурокомпозит“ е со блокирана сметка веќе 7 години. Не беше лесен процесот да за компанија која има негативен капитал се најде инвеститор. Имаме две можни решенија. Едното е во рамките на тековните прооцеси, доколку некои проекти се реализираат „Еурокомпозит“ да биде саниран во постојниот формат. Доколку тоа не се случи во наредните 10-ина дена, второто решение е да се надмине проблемот слично како што се случи со Фени. Согласно Законот, доколку компанијата има блокирана сметка 45 дена, треба да влезе во стечај, а оваа компанија е со блокирана сметка 7 години, па преку стечај со реструктурирање и наоѓање на стратешки инвеститор да се надмине проблемот“, нагласи Анѓушев.
Во делот на изјавите за медиумите свое обраќање имаше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој нагласи дека реализацијата на патната инфраструктура влегува во фаза на изразено динамична фаза и дека сите проекции се дека сите патни правци во изградба или реконструкција ќе бидат остварени според предвидениот план.