Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 128 седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес за граѓаните на земјата.
На предлог на Министерство за финансии на оваа седница ќе се разгледа Информацијата за реализација на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“, како и Информацијата за напредокот во имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги заклучно со јануари 2019 година, на предлог на истото министерство.
Електрани на Северна Македонија на седницата ќе ја презентира Информацијата за модернизацијата на парните котли во ТЕЦ Битола.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како точка на дневниот ред на оваа владина седница ја предлага Информацијата во врска со вложувања во инфраструктурни проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.
На предлог на Министерството за здравство на седницата ќе се побара мислење во однос на Информацијата за висината на средствата за набавка на опрема за вршење на лабораториски анализи на детски играчки и можноста од обезбедување на средства за набавка на потребната опрема во рамки на сопствениот буџет на министерството.
Редовната 128 седница на Владата на РСМ е предвидено да започне во 12:00 часот.