Од 128-мата седница на Владата на РСМ: Започнува финансиската поддршка на проекти за рурален развој одобрени во 2018; Одобрен буџет за првиот дел од кампањата на претседателските избори;Модернизацијата на граничните царински терминали успешно се реализира

На денешната редовна 128 седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за поддршката на инфраструктурните проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.

Согласно оваа информација за програмата која континуирано се спроведува повеќе години, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе ја реализира исплатата на проектите одобрени на јавниот повик за 2018 година кои предвидуваат подобрување на квалитетот на животот во руралните средини за инвестиции во локалната патна инфраструктура, вклучително и мостови, за водоснабдителни и канализациони системи и за изградба и за модернизација на објекти на пазари за земјоделски производи, како и за објекти за домови за деца и млади и домови на култура.

Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој опфаќа и проекти за обнова и развој на селата, како и проекти за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“, и заклучи дека согласно предвиденото време за реализација, завршени се сите градежни работи, и дека проектот е реализиран во целост. 

Проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“ се финансира од програмата ИПА и од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 1,48 милион евра коишто се грант и над 300.000 евра од буџетот. Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стоковни пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности, значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.

На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за напредокот во имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги заклучно со јануари 2019 година.

Основна цел на Проектот за подобрување на општинските услуги е подобрување на транспарентноста, финансиската одржливост и квалитетот на општинските услуги во општините учеснички во Проектот преку обезбедување финансиска поддршка за реализација на капитални инфраструктурни проекти.

На денешната седница Владата донесе одлуката за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година наменети за првиот дел од кампањата за претседателските избори на барање на Државната изборна комисија во висина од 100 милиони денари.

На денешната седница, Владата на РСМ го усвои Националниот Оперативен Бродбенд План за пристап до побрзи и подобри интернет услуги согласно стандардите на ЕУ. Имајќи ги предвид овие ЕУ критериуми, како и идните најавени инвестиции на операторите во следните три години, националните бродбенд таргети за Република Северна Македонија утврдуваат дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата, ќе мора да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.

Во Националниот Оперативен Бродбенд План е испланирано дека до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал и дека до крајот на 2029 година, секој граѓанин на нашата земја ќе има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

До крајот на 2029 година најмалку 50% од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps, сите домаќинства ќе имаат можност за пристап до мрежа која овозможува брзина за download од најмалку 100 Mbps со можност за надградба на гигабитна брзина по прифатливи цени и дека сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела), ќе имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1 Gbps.