Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и членовите на Владата на РСМ, на платото пред владата, го пречекаа премиерот Алексис Ципрас и делегацијата на Владата на Грција, кои престојуваат во нашата земја во еднодневна официјална посета.
Пречекот заврши со претставување на членовите на двете делегации, по што премиерите Заев и Ципрас се повлекоа на тет-а-тет средба, а министрите на двете влади ги започнаа одделните билатерални средби.
Според програмата на официјалната посета на премиерот Ципрас и на владината делегација на Грција, билатерални средби одржаа ресорните министри за одбрана, заменик претседателката во Владата на РСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за одбрана во Владата на Грција Евангелос Апостолакис и Заменик претседателот во Владата на РСМ задолжен за европски прашања Бујар Османи со Атанасија Сија Анагнастопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција.
Заменик претседателот во Владата на РСМ, задолжен за економски ресори Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши се сретнаа со вицепремиерот и министер за економија и развој во Владата на Грција Јоанис Драгасакис, и со министерот за животна средина и енергетика Георгиос Статакис, а министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски оствари средба со својот колега од грчка страна, министерот за развој на земјоделството и за храна Ставрос Араховитис.
Заедничка средба имаа и министрите за здравство Венко Филипче и Андреас Ксантос, како и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, кои остварија средба со заменик министерката за внатрешни работи и за Македонија и Тракија, Елефтерија Хацигеоргиу.
Министерот за транспорт и врски во Владата на РСМ Горан Сугарески оствари работна средба со неговиот колега, министер за инфраструктура и транспорт Кристос Спирцис, а министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски имаа заедничка средба со министерот за дигитализација, телекомуникации и медиуми Николаос Папас.
Одделна средба имаа и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски заменик министерот за надворешни работи Маркос Боларис.
Во продолжение на денешните активности, двете делегации ја одржуваат првата седница на Високиот Совет за соработка помеѓу Република Северена Македонија и Грција, со која ќе претседаваат Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев и Претседателот на Владата на Грција Алексис Ципрас.
На оваа седница министрите од двете влади ќе реферираат за разговорите и заклучоците од нивните одделни меѓусебни средби, по што ќе следи церемонијата на свеченото потпишување на акцискиот план за интензивирање и зголемување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Грција, согласно предвиденото во Спогодбата од Преспа, како и останатите договори и меморандуми за соработка и за реализација на конкретни проекти меѓу двете земји.
Веднаш после седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Грција, двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе одржат заедничка прес конференција.
Претседателите на владите на Република Северна Македонија и на Грција Заев и Ципрас, во текот на попладнето ќе ја поздрават работата на Бизнис форумот на кој за потенцијалите и за идната соработка меѓу двете земји ќе разговараат претставници на повеќе од 400 компании од Грција и Северна Македонија.
Претседателот на Владата на Грција и владината делегација на оваа земја ќе заминат со специјален лет од Аеродром во Скопје во вечерните часови.
- Се одржа првата седница на Високиот Совет за соработка меѓу Република Северна Македонија и Грција со потпишување на повеќе договори од интерес на граѓаните на двете земји
- Премиерите Заев и Ципрас од заедничката прес-конференција: Обновуваме историски простор во кој нашите две земји се природно упатени една на друга и ги охрабруваме огромните можности за двата народа
- Премиерите Заев и Ципрас во Скопје: Да го искористиме нашето пријателство за бенефити за двете земји, имплементирањето на договорот ќе донесе исполнување на евроатлантските аспирации на Северна Македонија