Премиерот Заев го прими министерот за одбрана на Турција, Акар: Остануваме посветени на одржување на исклучително добрите односи и на заедничките пристапи за глобалните безбедносни прашања

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска го прими во посета министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, кој претходно оствари средба со заменичка на претседателот на Владата на РСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
 
Премиерот Заев им посака добредојде на гостите од Министерството за одбрана на Турција и изрази  благодарност за постојаната и искрена поддршка на Република Турција во остварувањето на стратешките цели на нашата земја – членството во НАТО и ЕУ.
 
Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев ја истакна севкупната исклучително добра соработка со Република Турција, која е во врвот на листата земји со кои имаме најдобра економска соработка. Тој посебно ја издвои соработката на планот на одбранбените и безбедносните прашања и политики за кои со Турција делиме заеднички пристап во однос на глобалните безбедносни закани.
 
„Турција е земјата со која имаме долгогодишна соработка меѓу министерствата за одбрана и меѓу армиите на двете земји. Од огромна важност и значење се остварените обуки, логистиката и материјалната поддршка што ја добиваме од оваа соработка. Особено заради подигањето на стандардите на нашите војници и армија соодветно на стандардите на НАТО“, рече премиерот Заев на средбата со министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар.
 
Министерот Акар на средбата ја нагласи долгата заедничка историја на добри односи меѓу двете земји и изрази честитки за напредокот на нашата земја во евро-атлантските процеси, потенцираше дека членството во овие сојузи на Република Северна Македонија е само прашање на време, и истакна дека Турција и натаму останува искрен и силен партнер.