Премиерот Заев доби признание за придонес за мир, благосостојба, развој и интеграција на Ромите: Искрена ни е намерата заедно да оствариме социјална инклузија и вклучување правда и права за сите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, прими делегација на здружението Национален Ромски Центар (НРЦ), чиј извршен директор, Ашмет Елезовски, на премиерот Заев му врачи признание за придонес во обезбедувањето мир, благосостојба, развој и интеграција на Ромите и сите останати граѓани во државата.

На средбата, која се одржа во Свечената сала на Владата на Република Северна Македонија, претставниците на Здружението НРЦ, во одделни излагања го запознаа премиерот Заев со својата работа и програмски цели, истакнувајќи дека тие работат на подобрување на правата, не само на припадниците на ромската заедница, туку на сите граѓани со различна социјална и етничка структура, особено на маргинализираните и социјално најранливи категории.

„Овој ден, 8 април - Меѓународниот ден на Ромите, е одлична можност да Ви кажеме благодарам за сето она што го работите за децата, жените и општо за правата на Ромите, за подобрување на нивниот квалитет на живот и за останатите граѓани, бидејќи Вашиот активизам е од непроценливо богатство и од помош и за напорите и мерките кои ги презема Владата“, истакна премиерот Заев, честитајќи го празникот и потенцирајќи дека од име на извршната власт и на сите граѓани изразува искрена благодарност за сиот активизам на граѓанските организации, со надеж дека Владата дополнително ќе ги мотивира во понатамошните заложби.

Премиерот Заев подвлече, дека Владата е насочена да работи на социјалните аспекти, за подобрување на инфраструктурата, условите за образование и за вработување на припадниците на ромската заедница.

„Искрена ни е намерата да постигнеме еднакво општество за сите граѓани“, порача премиерот Заев, подвлекувајќи дека Република Северна Македонија создава услови за живот кои одговараат на една земја-членка на Европската Унија.

Врачувајќи му на претседателот на Владата на Република Северна Македонија признание за досегашниот придонес за развојот на општеството за еднакви можности, директорот Елезовски и претседателката на Управниот одбор на Здружението, г-ѓа Нада Стојменова нагласија дека Националниот Ромски Центар ќе продолжи со мисијата за решавањето на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и оние најранливи групи на кои им е потребна социјална, здравствена и правна помош, со единствена цел, остварување социјална инклузија и вклучување правда и еднакви права за сите.