Премиерот Заев и вицепремиерот Османи по повод одбележувањето на 8-ми април - Меѓународен ден на Ромите: Еднакви права и достоинствен живот за сите е единствениот пат до успешна, заедничка Република Северна Македонија интегрирана во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска учествуваа на настан „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“, организиран од здружението на граѓани „Ромаверзитас“ и Ромскиот образовен фонд (РЕФ), по повод 8-ми април, Меѓународниот ден на Ромите.

Во своето воведно обраќање премиерот Зоран Заев, од свое лично име и од името на Владата на Република Северна Македонија, се заблагодари на сите кои активно работат за подобрување на состојбата на Ромите во државата.

„За нас, за оваа Влада на Република Северна Македонија, целите на Првиот Светски Конгрес на Ромите, како и на Европската Платформа за вклученост на Ромите не се само обврска. Тие се искрена желба и посветеност да градиме инклузивно општество во кое никој, ниту еден, нема да биде запоставен. Еднакви права и достоинствен живот за сите е единствениот пат до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, интегрирана во Европската унија“, истакна премиерот Заев.

За настанот, кој како што рече премиерот Заев, освен што трага по одговорите за предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија, истовремено е уште еден заеднички чекор како на најдобар можен начин да се промовира и практикува стратешката определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја - Обединети во различностите.

„Еден од чекорите за остварување на оваа наша определба е и Стратегијата за Ромите и Националните Акциони планови, како дел од јавните политики на државата, за еднакво вклучување на Ромите во општествените текови. При тоа, Република Северна Македонија се води од желбата за подобрување на квалитетот на живот кај сите свои граѓани, но и од нејзините аспирации за евроатланската интеграција и вклучување во европските иницијативи за социјална вклученост“, подвлече премиерот Заев.

Во рамки на настанот за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, свое обраќање имаше и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој посочи на европските вредности на солидарност, еднаквост и рамноправност, како клучни елементи со кои Република Северна Македонија го гради својот модел на мултикултурна и мултиетничка функционална демократија.

„Повеќе од илјада години, Ромите и нивното културно наследство се составен дел на европската општества и европската култура, вградувајќи се притоа и како важен елемент на Европската Унија, каде прашањето за еднаквост и заштита на Ромите од дискриминација има посебна важност. Процена е дека на европскиот континент популацијата на Роми брои 10 милиони жители без матична европска држава, со што тие практично претставуваат најголемото етничко малцинство во Европа. Имајќи предвид дека Република Северна Македонија е силно посветена на изградбата на мултикултурно општество, со механизми за заштита на правата на сите етнички заедници имплементирани преку Охридскиот рамковен договор, убав предизвик е да создадеме услови Ромите да ја чувствуваат Република Северна Македонија како нивна матична европска земја која ќе се грижи за нивните права насекаде“, истакна вицепремиерот Османи, нагласувајќи ја извесната европска иднина на земјата, како членка на Европската Унија.

На настанот свои воведни обраќања имаа и шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар и извршниот директор на Ромскиот образовен Фонд (РЕФ), Надир Реџепи, по кои следуваа тематските обраќања на алумнистите на „Ромаверзитас“ и РЕФ, Фикрија Таир, Елвис Шаќири и Сенада Сали.


Во продолжение во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Зоран Заев.

„Република Северна Македонија и целиот свет денеска го слави 8 април - Меѓународниот ден на Ромите.

Празнуваме и славиме една уникатна традиција, верување и култура како значајна вредност на светското и на македонското културно наследство - Традиција, верувања и култура на Ромите.

Првиот Светски конгрес на Ромите, одржан на 8 април 1990 година е еден од најважните историски датуми за ромската заедница.

Ромите добија своја химна и азбука, и се изборија за загарантирано право да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права, без дискриминација.
За нас, за оваа Влада на Република Северна Македонија, целите на тој Конгрес, како и на Европската Платформа за вклученост на Ромите не се само обврска. Тие се искрена желба.

Искрена желба и посветеност да градиме инклузивно општество во кое никој, ниту еден, нема да биде запоставен. Еднакви права и достоинствен живот на сите е единствениот пат до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, интегрирана во Европската унија.

Овој настан, освен што трага по одговорите за предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија, истовремено е уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме нашата стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја - Обединети во различностите.

Еден од чекорите за остварување на оваа наша определба е и Стратегијата за Ромите и Националните Акциони планови, како дел од јавните политики на државата, за еднакво вклучување на Ромите во општествените текови.

При тоа, Република Северна Македонија се води од желбата за подобрување на квалитетот на живот кај сите свои граѓани, но и од нејзините аспирации за евроатланската интеграција и вклучување во европските иницијативи за социјална вклученост.

Ранливиот статус којшто го имаат Ромите бара координирана, постојана обврска на сите инволвирани актери и чинители.

Поставени се јасни насоки на национално ниво за напредок, постојано следење на достигнувањата во однос на тие насоки како и размена на информации за тоа кои пристапи за подобрување на економскиот статус и социјално вклучување на ромската популација покажуваат најдобри резултати во одредени околности.

Владата на Република Северна Македонија, во најголем дел преку Министерството за труд и социјална политика и преку Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, работи со најранливите категории на лица кои што се соочуваат со најсензитивни проблеми и потреби.

Министерството за труд и социјална политика продолжува со имплементирање на проектите кои се препознатливи во ромската заедница и се во насока на поголема инклузија на децата Роми во предучилишното образование.

Се грижиме за поголема информираност на припадниците на ромската заедница преку Ромските информативни центри.

Посебно и нагласено внимание посветивме на вклучување на невработените Роми во активните мерки за вработување, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување на лични документи, за времено згрижување на семејства кои што се во социјален ризик, исто така. 
Сите овие проекти се имплементирани во соработка со меѓународни организации и со ромски граѓански здруженија.

Почитувани,

Една од најзначајните политики на Министерството за труд и социјална политика е обезбедување на бесплатен престој на ромски дечиња во детските градинки, како грижа за раниот детски развој.

Како резултат на оваа активност, 11 општини на ниво на државата ја прифатија мерката и заклучоците од Владата на Република Северна Македонија за целосно преземање на трошоците од страна на општините при вклучувањето на ромските деца во детските градинки.

Во текот на учебната 2018-2019 година, во рамките на оваа мерка, во градинките бесплатно се опфатени 450 деца на возраст од 3-6 години.

Ромските Информативни Центри редовно ги вршеа своите теренски посети во ромските заедници, помагајќи директно, во реализација на планираните активности - информирање на заедницата преку промотивни материјали, огласи и директни разговори.

Во тек е процесот на систематизација на работни места во Центрите за социјална работа за вработување на активистите од Ромските информативни центри. Со тоа ќе се постигне долгорочно и ефективно влијание во процесот на социјалната заштита и имплементација на новата реформа во социјалната сфера.

Управата за водење на матична книга на родените, во соработка со Министерството за труд и социјална политика води електронски регистар на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и кои што се соочуваат со последиците од овој проблем.

Некаде околу 700 лица се најдени на терен кои што директно се соочуваат со нерешен граѓански статус.

Подготвена е првата драфт верзија од новиот предлог закон за решавање на статус на лицата без лична документација. Овој закон се разгледува на ниво на работни групи и се очекува дека до мај месец ќе биде усвоен од Владата Република Северна Македонија и испратен до Парламентот.

Паралелно се менува и законот за матична евиденција, кој што ќе овозможи посебна управна постапка за водење на посебна книга за евиденција на овие лица и решавање на нивниот траен статус.

Овој закон ќе овозможи трајно решавање на проблемот и пристапот до основните човекови права и слободи, односно до правото на социјална заштита, образование, вработување и домување.

Сакам да ја издвојам и важноста на програмата РОМАКТЕД, што Министерството за труд и социјална политика ја имплементира заедно со Советот на Европа и ромските граѓански организации, за да се овозможи развој на локални политики кои што ќе го унапредат животот на ромската заедница во локалните средини.

Локалните прашања најдобро се решаваат во локалните заедници, со луѓето од самата заедница.

РОМАКТЕД подржува носење и имплементација на локални акциски планови, изградба на капацитети на локални структури за идентификување и решавање на проблемите на ромските заедници, како и поддршка на конкретни приоритети кои носат промени во животот на нашите сограѓани Роми.

Вклучени се 12 општини и досега се искористени 20 милиони денари од буџетот на Владата на Република Северна Македонија за областа на домување и инфраструктура.
Благодарение на проектите на Министерството за труд и социјална политика во соработка со ромски НВОа - лицата кои се во социјален ризик и затекнати под Кале, се сместени во институциите кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

Се спроведуваат мерки за 110 лица од 32 семејства, за нивна реинтеграција и инклузија во системот на образование и вработување, добиваат оброк и хигиенски пакети.
За нивна социјална инклузија ангажирани се ромски организации кои работаат со нив, подготвуваат индивидуални планови за нивна интеграција на пазарот на труд, социјалната заштита, здравствена заштита, обезбедување на документи за лична идентификација и вклучување на децата во образовниот процес.

Сите деца од овие семејства се веќе вклучени во сите нивоа на образование и поседуваат лични документи. Се прават напори сите семејства да се вклучат во системот на социјална заштита, или активно да се вклучат на пазарот на трудот.

Од големо значење во креирањето на најсоодветни мерки како одговори на прашањата од важност за ромската заедница е проектот - Социјално мапирање.

Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Европските фондови подготви социјална мапа со сите податоци од терен за сите ромски населби. 
Со овој проект се направи мапирање на ромските населби со цел да се добијат квалитативни и квантитативни податоци за Ромите во делот на образованието, вработувањето, домувањето, здравството, социјалната инклузија, поседувањето на лична документација.

Резултатите од оваа социјална мапа ќе бидат презентирани во мај оваа година и ќе послужат за подобро планирање и имплементација на конкретни проекти на локално ниво. Тоа ќе биде алатка и за локалната власт, да планира и да имплементира проекти - подеднакво за сите свои граѓани.

Почитувани,

Сакам да ја потенцирам силната политичка волја на нашата Влада за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во државава.
Издвоив само дел од ангажманите за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјата.

Во оваа прилика уште еднаш нагласувам дека толеранцијата е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи. Во концептот „Едно општество за сите“ толеранцијата и солидарноста се нашата заедничка вредност.

На самиот крај сакам искрено да се заблагодарам на мое, од името на Владата и од името на граѓаните на сите кои активно учествуваат во сé што се работи во нашата земја за подобрување на состојбата и условите на живо на Ромите. Посебна благодарност до Европската Унија, амбасадата овде и делегацијата, но уште попосебна благодарност за сите граѓански активисти кои што навистина беспоштедно се вклучени да помогнат на сите општествени институции навистина да почувствуваме еднаквост помеѓу сите и конечно унапредување на состојбата на Ромите во нашата земја.“