Обраќање во германскиот Бундестаг на ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамки на работната посета на Сојузна Република Германија одржаа брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг.

Пред Комисијата за ЕУ, ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров реферираа за текот на спроведување на реформите за европска интеграција на земјава, спроведувањето на донесените европски закони, како и имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Во своето обраќање министерот Димитров истакна: „Тука сме бидејќи веруваме дека имаме доволно аргументи за да ве увериме дека одлуката за почеток на преговори е заслужена и дека отворањето на патот кон ЕУ ќе претставува силно охрабрување за целта до која сакаме да стигнеме - модерна европска демократија. Воедно тоа ќе претставува и јасна поддршка за еден вид на лидерство што ни треба повеќе во регионот. Лидерство кое се стреми на европски начин да ги решава проблемите и да создава иднина.”

„Република Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската унија уште денес. Успехот на земјата создаде нова реалност на Балканот, и истовремено е веројатно најуспешната европска приказна во регионот, угледен пример за другите земји од Западен Балкан - јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја", истакна вицепремиерот Османи.

„Сето ова го постигнавме со храбри лидерски потези, со одлучен фокус и посветена работа, и затоа наша обврска е за овој наш напредок да ги убедиме сите земји членки, особено оние чија поддршка го насочува текот на политиките на целата Унија“, додаде Османи.

Претходно ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров се сретнаа со пратеникот Јохан Вадефул, остварија официјална средба со претседателката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, како и со Државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот.