Премиерот Заев и директорот на АМС, Каевски им доделија благодарници на олимпијците: Спортот обединува, го одржува заедништвото, и дава придонес кон возвишената идеја за „Едно општество за сите“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски на свечен начин, им врачија признанија на сите спортисти, кои учествувале на меѓународните натпревари, Олимписки игри, Параолимпијадата и на Специјалната олимпијада, како благодарност за нивниот придонес во претставувањето и афирмацијата на нашата земја на меѓународно поле.

На средбата, премиерот Заев во опуштена атмосфера разговараше со олимпијците и младите спортски таленти, истакнувајќи ја нивната голема улога во пренесувањето на олимписките вредности, како што се, фер-плеј однесувањето, разбирањето и неправењето разлика меѓу луѓето и делењето по раса, боја, религија и култура.

„Ми ја исполнивте душата и горд сум што гледам дека салата е исполнета со спортисти, кои се нашата гордост и кои на најдобар начин ја претставуваат нашата земја во светот“, ги поздрави премиерот Заев многубројните присутни олимпијци, спортисти, спортски ветерани, млади надежи и љубители на спортот, кои беа дојдени на средбата, која се одржа во свечената сала на Владата на Северна Македонија.

„Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за млади и спорт ја организираа оваа средба за да им оддадеме признание на нашите олимпијци, учесници на Олимписките игри, на Пара Олимпијадата и на Специјалната Олимпијада. Нашата голема благодарност за позитивната афирмација на нашата земја, ширум светот, покрај системската поддршка, сакаме да ја изразиме и симболички, преку овие благодарници, со кои сакаме да оставиме пишан траг на признание, на овие наши амбасадори“, рече премиерот Заев.

Премиерот порача дека спортот помага во создавањето на благородни и хумани луѓе, истовремено учејќи ги младите и постарите генерации дека треба да соработуваат, да охрабруваат и да ги почитуваат вредностите на сите подеднакво, што како што рече е уште еден придонес кон возвишената идеја за создавање на „Едно општество за сите“, што е водечки концепт на Владата на Северна Македонија.

„Ги поддржавме сите активности на лицата со инвалидитет и на лицата со попреченост, сè со цел нивна дополнителна интеграција во спортот и секојдневието. Тоа даде резултати и им донесе бројни успеси и медали на нашите учесници на специјалните олимписки игри и на другите меѓународни натпревари за лица со посебни потреби“, подвлече премиерот Заев изразувајќи задоволство од денешната прилика за дружење со спортисти и олимпијци од различни генерации, информирајќи дека фокусот на Владата ќе остане на поддршката на младинските категории во спортот, но и на поддршка за пренесувањето на искуствата од спортските сениори.

Исто така, премиерот Заев заедно со директорот на АМС Каевски ги запознаа присутните, со принципите на посебната Програма за следење и поддршка на младите и талентирани спортисти, кои покажуваат олимписки потенцијали, со цел да се зголеми мотивацијата на младите луѓе да се занимаваат со спорт и да постигнуваат резултати кои се сатисфакција за нивните напори и лични вложувања. Тие истакнаа дека занимавањето со спорт и спортски активности од најмала возраст е исклучително важно за создавањето на здрава популација, која придонесува и за зголемување на општествените вредности.

На средбата, се отвори дискусија, во која спортските работници се заблагодарија за денешната средба, која како што потенцираа е знак за изразен интерес од страна на државата за нивните спортски вложувања и признание за она што го постигнале во спортот со кој се занимаваат, а разговараа и за прашања и недостатоци, кои се покажале во изминатиот период.

Директорот на АМС, Каевски, одговарајќи на прашања, информираше за неколку проекти, меѓу кои оној за млади надежни спортисти, каде ќе се следат постигнувањата од најмладата возраст и заедно со премиерот Заев, информираше и за воведувањето на новиот, ваучерски систем на финансирање на спортските субјекти, клубови и федерации, за кој се обезбедуваат 6 милиони евра, со тенденција за зголемување на сумата на 10 милиони евра.

„Спортот зближува и затоа да подадеме рака еден на друг, да покажеме дека можеме заедно. Да го промовираме спортот и нашата држава, а ние заедно со Владата ќе ја следиме единствената цел да ги подигнеме стандардите на спортот“, оцени Каевски повикувајќи ги сите заинтересирани ветерани, спортски активисти и љубители на спортот со свои сугестии и идеи да работат на подобрување на условите за постигнување спортски резултати, со цел поголема афирмација на државата.